Ќе се централизира инспекторатот за животна средина
Едно силно, централизирано тело, кое ќе врши инспекција на состојбите во животната средина се предвидува со новата програма за заштита на животната средина.
Како што појасни советникот на премиерот за екологија се прави посебен правилник кој предвидува надлежноста за инспекција на влијанието врз животната средина на сите загадувачи да биде сместена во едно заедничко тело.
– Сега се прави посебен правилник. До сега се велеше дека капацитетите биле слаби или ангажираноста била слаба или можностите биле слаби на инспекторатите. Сега во пракса ќе се предвиди едно силно, централизирано тело кое што ќе се занимава со инспекција во животната средина коешто ќе може на сите објекти и по вертикала и по хоризонтала да може да прави инспекција да не си предаваме надлежности или да не си даваме можности за образложенија не е моја надлежност – вели советникот.
Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити рече дека свесен е оти инспекторатот не располага со доволе број инспектори и дека треба да се работи на решавање на тој проблем.
– Инспекторите веќе се на терен. Има и казни. Но, има потреба и да се зголеми бројот на инспекторатот бидејќи мал е бројот за да се опфати цела Македонија – рече Меџити по обраќањето на конференцијата за животна средина.
Инаку, во Македонија постои Државен инспекторат за животна средниа, Инспекторат на Град Скопје, а инспектори има и секоја општина. Секогаш кога нешто алармантно се случува во однос на загадувањето на животната средина јавноста повикува надлежните да преземат мерки, но најчесто тогаш се појаснува кој не е надлежен за конкретниот проблем.
Кога периодов Скопје почна да се искачува на врвот од листите во светски рамки по загаденост од Градот Скопје испратиј соопштение во кое стоеше дека: „На територијата на Скопје покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните“, а подолу во соопштението беа наведени последните инспекциски надзори што градскиот инспекторат ги презел по дојава на граѓани, на одредени индустриски капацитети.