Ќе поништат оглас за контролори на летање зашто Албанците што положиле не се од ДУИ
Меѓу најдобрите 8, се и тројца момчиња Албанци, едни од највисокорангираните по поени и тестови. Особено едниот од нив, „згазил“ на тестирањето. Но, тие не се вистинските што требаше да влезат, велат од Синдикатот на контролори на летање.
Тестирањата и селекцијата ги правел тренинг центар од Данска. Но, откако меѓу тие што ги поминале строгите критериуми не се нашле имињата на „нивните“, особено дека најдобрите три Албанци „се ничии“, раководството на МНАВ се посомневало во компетентноста на Данците. Сега тричлениот одбор бара отчет од Данска зошто отпаднале другите кандидати.
Меѓу тие што отпаднале уште во првиот круг се и три деца на два члена на УО: едно на Селмани и две на Крстевски, велат од Синдикатот на контролорите на летање.
Во овој тренинг-центар, патем, се школуваат стотици контролори на летање од Германија, Холандија и од други европски држави. Истиот дански оператор веќе има исшколувано една генерација македонски обласни контролори на летање. Избраните кандидати требаше да почнат да се школуваат пред 7 дена, но сега процесот е стопиран.
Со барањето отчет на документ, раководството купува на време, бидејќи на 20 ноември истекуваат 90 дена од објавувањето на огласот. Ако не постапат Данците по ова барање, да дадат отчет за сите кандидати зошто отпаднале, колку бодови освоиле, директорот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди вели дека не може да потпише избраните да го почнат школувањето во Данска.
Синдикатот на контролорите на летање и Здружението на контролори на летање кои се усрамени пред лиценцираниот економски оператор од Данска, велат дека тестирањето било под строги правила на Еуроконтрол и дека форсираните деца не успеале ни првата основна скала да ја поминат за понатаму. Загрижени се дека раководството воздухопловната организација ја сфаќа како личен интерес и партиска агенда, а не како професионална и безбедносна институција од која зависат стотици и илјадници животи во сообраќајот на небото над Македонија.
„Не е ова ‘Дурмо турс’ или пожарот во болницата во Тетово за да се забошоти преку судовите. Ова е сериозна и високобезбедносна тема. Ако се случи, не дај боже, авионска несреќа на нашето небо, ќе дојде Еуроконтрол и ќе нè затвори, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК контролорите на летање. Велат: „ги проколнуваме, ставете си кого сакате во администрација, ама не ги пикајте во контролна кула“.
Местото контролор на летање отсекогаш било атрактивно и добро платено.
Еуроконтрол, европска институција надлежна за цивилниот авиосообраќај, од пред 10 години воспостави унифициран систем на селекција, т.н. ФИСТ (FEAST) тестови, за прием на нови котролори насекаде во Европа. Кај нас оваа алатка се применува од 2018 година и се покажала како многу успешна, велат вработените. Тестирањата според ФИСТ алатката ги вршат неколку сертифицирани еврропски центри.
Годинава тестирањето за Македонија го спроведе данска компанија, која е задолжена и за четиримесечна обука за избраните 8 лица. Изборот на таа компанија е направен на меѓународен тендер распишан од М-НАВ, вреден околу 300 илјади евра.