Ќе плати ли економска цена Македонија за влегувањето на Бугарија и Романија во Шенгенот?
Бугарите ќе заштедат над една милијарда евра само со укинување на граничните контроли, а ние ќе чекаме со часови на Табановце
Првиот ден од Новата година стотици Бугари заминаа на кафе во Солун или на ручек со морски деликатеси. По влегувањето на Бугарија во Шенген зоната нејзините граѓани можат без контрола на границите да патуваат во соседна Грција. Практично, не мораат ни да застанат на граничниот премин на кој до сега се редеа колони возила.
„Влегувањето на Бугарија во Шенген несомнено ќе го зголеми туризмот и бизнисот меѓу двете земји, коментираат градоначалниците од пограничните региони“, според БНР.
Од друга страна, во деновите пред стапувањето во сила на одлуката за прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната, многу македонски граѓани коментираа дека „Македонија ќе стане слепо црево на Балканот“ бидејќи Турците, камионџиите и другите странски државјани отсега ќе патуваат за Грција преку Бугарија. Други пак одговараа дека немаме ќар од нив, само оштетувања на патиштата. Но, минатата 2024 година само од патарини ЈП Државни патишта заработи 66,5 милиони евра. Колку од тоа може да изгуби сега?
Bulgaria 🇧🇬 is at Shengen! We crossed the border with Greece without passport control. 🇬🇷 pic.twitter.com/RBQTT01xT7
— Miroslav Ivanov (@miroslavi79) January 2, 2025
Влегувањето на Бугарија во Шенген зоната има и политичка димензија. Додека кај нас некои коментираа дека Егејска и Пиринска Македонија се поврзаа и нема меѓу нив граница, а Македонија се самоизолира како територија од нив, Бугари коментираа дека „паднала“ границата на Балканот од 1913 година и дека Бугарија сега се „обединила“ со своја бивша територија.
„По тргнувањето на границите со Грција ги добиваме и Македонија и Тракија, а од Романија – Северна Добруџа. Среќно обединување на националната територија!“- беше еден од бугарските коментари на социјалните мрежи. Некои пак им го честитаа на носителите на бугарски пасоши во Македонија влегувањето во Шенген и привилегиите што ги носи тоа, како што опиша еден – „ако живееш во Софија, влегуваш во кола и возиш без гранична контрола до Лисабон, како да живееш во една држава“.
„Се сеќавам на визите за излез. Се сеќавам и на влегувањата… со денови чекав пред грчкиот конзулат. Ги паметам опашките на Кулата! Вечерва тие одат во минатото, а Бугарија влегува во Шенген!“- напиша друг, за некогаш европски прославената црна точка кога е во прашање минување на граница – Бугарија.
Македонските граѓани пак овој настан го поврзаа пред се со пуштањето во целосна употреба на паневропскиот коридор „Виа Карпатија“ што се планира за оваа година и кој ќе обезбеди безгранична и бесцаринска врска од Грција на југ, до Литванија на север, преку Бугарија и Романија, а кој е речиси паралелен со Коридорот 10 и може да го пренасочи сообраќајот и транспортот од Централна Европа. Коридорот поминува низ Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија, што значи дека цела Централна Европа плус Балтикот ќе има подобра, побрза и поевтина сообраќајна опција.
За Грција, врската „Виа Карпатија“ во моментов е најважниот меѓународен копнен проект кој ќе овозможи пристап до пазарите на Северна и Централна и Источна Европа – изјави Григорис Заротијадис од Универзитетот Арустотел во Солун.Како што нагласува, „важно е ‘Виа Карпатија’ да минува низ земјите членки на Европската унија и да биде конкурентна со другите врски север-југ што минуваат, на пример, преку Северна Македонија или Србија“.
„Новата рута е важна и од друга причина: историски, имаме врски со балканските земји, каде што живеат голем број Грци. Затоа сакаме да развиеме инфраструктурни врски со оваа област“, рече Заротиадис. “Исто така и за самиот Солун, како економски и логистички центар, ‘Виа Карпатија’ е еден вид ‘дар од рајот’“, додаде тој.
Грчкиот дел од „Виа Карпатија“ е речиси завршен. „Ова се должи на фактот што уште пред да се создаде проектот, тој беше развиен како дел од друг инфраструктурен проект“, истакна Заротијадис. Реално и во Бугарија во голема мерка тој се совпаѓа со постојниот Коридор 4 кој од Западна Европа оди преку Романија и Бугарија до Грција, така што реализацијата е извесна.
Патот „Виа Карпатија“ се планира да биде клучен транспортен коридор што ќе ги поврзува Северна и Јужна Европа. Веќе е делумно достапен, а делумно во изградба, а во Полска ќе биде долг приближно 700 километри. На бугарска територија оди од пристаништето Видин на Дунав до Кулата на грчката граница преку Софија.
Уште кога беше изграден Коридорот 4 во Србија имаше поплаки дека се поголем дел од камионскиот сообраќај во правец на Грција оди преку него наместо преку Коридорот бр. 10, кој оди преку Србија и Македонија. Тоа влијае не само на собраната патарина, туку и генерално на економијата, бидејќи странците додека поминуваат трошат, ја запознаваат земјата, се развива туризмот, се поттикнува локалниот бизнис и земјата останува поврзана со Европа. Тогаш, според проценките, сообраќајот на камиони низ Србија бил намален за 30 отсто за две години без оглед што Коридорот бр. 10 нуди пократок пат и подобри бензински пумпи и паркинзи. Проблем тогаш и сега беа скапите патарини, но пред сѐ предолгите чекања на многуте граници низ Балканот заради царинските и други контроли.
Во Бугарија пак тријат раце од фактот дека станаа дел од Шенгенот, нешто на што работеа повеќе од една деценија. Се очекуваат значителни економски придобивки и според проценките, БДП на Бугарија треба да порасне за најмалку 1 0тсто. Придобивките ќе ги почуствуваат граѓаните, бизнисите и инвеститорите, порача привремениот премиер Димитар Главчев.
Според економистите, финансискиот ефект за Бугарија се проценува на над 1,6 милијарди лева годишно (800 милиони евра), а дополнително се очекуваат стотици илјади часови заштедено време и значително намалување на емисиите на јаглерод поради пократкото време на чекање на границата. Меѓу главните корисници би биле тешкиот патен транспорт и производителите, како и извозниците на стоки, чии директни трошоци, според институтот, се проценуваат на 432 милиони евра.
Според извештајот на БТА, друга придобивка од целосното пристапување на Бугарија во Шенген зоната би било и отстранувањето на доцнењата кои се предизвикани од граничните контроли за бугарските граѓани при преминување на копнената граница со Романија и Грција, кои понекогаш достигнуваат и 242.437 дена.
Во извештајот на Институтот за економски истражувања (ИЕР) при Бугарската академија на науките (БАН), се вели дека граѓаните на Романија и Грција кои патуваат во Бугарија, исто така, ќе имаат корист од целосното пристапување на Бугарија во Шенген во безграничната област Шенген, со заштеда од 217.998 дена.
Значителен придонес би бил забележан и во туристичкиот сектор. Приклучувањето на копнената граница на Бугарија во Шенген зоната, исто така, ќе донесе неколку еколошки придобивки, поради значително намалување на емисиите на јаглерод по укинувањето на контролите на копнените граници. Едноставно кажано, Бугарија ќе заштети дополнителни средства од буџетот што ќе ги насочи во развој и ќе ја направи својата економија многу поконкуретна од нашата. Колоните од Табановце и од Богородица ќе останат слика за заостанатите земји во регионот кои живеат во илузии место да направат проста математика во интерес на државата.