Ќе „падне“ ли салата „Борис Трајковски“ заради улица?
Денеска во 13 часот на јавна презентација ќе биде претставен планот за изградба на улица кај спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, за која опозициската ВМРО-ДПМНЕ и повеќе карпошани обвинуваат дека ќе биде причина за уривање на дел од постоечките спортски објекти.
Вознемирени граѓани од ваквата информација се организирале во фејсбук-група „Заштита на спортскиот центар „Борис Трајковски““ каде го искажуваат својот револт од таквата постапка на локалната самоуправа и велат дека активно ќе се вклучат во јавната презентација на нацрт-планот која е закажана за денес во 13 часот. Тогаш тие ќе предложат покреативно решение, со цел спортскиот центар што постои да се зачува за генерациите што доаѓаат.
До нив стигнала информација дека, за да се реализира улицата, ќе треба да се урне дел од СЦ „Борис Трајковски“ и дека тоа, наводно, било предвидено со Нацрт деталниот урбанистички план за Градска четврт 3 04, блок 5, кој е во фаза на донесување.
Градоначалникот Стефан Богоев демантира дека спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се урива заради изградба на сообраќајница.
– Во врска со Спортскиот центар „Борис Трајковски“, станува збор за лажна вест дека ќе се уриваат 10.000 квадратни метри. Апсолутно, ќе се задржи постојната состојба на спортскиот комплекс. Во овој дел, со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, врз основа на кој се носи и ДУП-от З 04, блок 5, се предвидува изградба на улица – сообраќајница, која ќе поминува кај картинг – просторот и во близина на тениските терени. Инаку, картинг – просторот е дел кој е дивоградба, за кој постои решение за отстранување. Значи, сообраќајницата воопшто не задира во ниту еден дел од спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ – демантира Богоев.
Од групата пак, наведуваат дека со нацрт-планот е предвидено за градење на новата сообраќајница да се урнат 10 илјади квадратни метри од објектот, при што ќе се направи штета од неколку милиони евра.
Тие бараат од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев да објасни пред јавноста, зошто е изгласано сообраќајницата да биде токму на тоа место и дали е увидено дека таа предизвикува огромна штета врз државниот имот.
– Општина Карпош изгласа уривање на огромен дел од центарот на културен и префриган начин преку намерно ставање на сообраќајница низ центарот, потенцираат од фејсбук-групата.
Богоев пак тврди дека во постапка е донесување детален урбанистички план за тој дел, но оти тој воопшто не предвидува никакво уривање, туку изведба на сообраќајници и инфраструктура за поврзување на потегот.
– Во овој дел, со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, врз основа на кој се носи ДУП-от З 04, Блок 5, се предвидува изградба на улица – сообраќајница. Таа улица веќе постои во должина на картинг-патеката и истата едноставно ќе се продолжи и ќе се поврзе со булеварот „8 Септември“. Картинг-патеката, тениските терени, базенот или пак спортската сала воопшто нема да бидат засегнати од урбанистичкото решение – велат од Карпош.
Од Општина Карпош дополнително информираа дека на последната седница на Советот на општина Карпош била усвоена предлог-одлуката за утврдување на нацрт Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, блок 5.
– Тоа значи дека ДУП-от не е изгласан, бидејќи се носи во две фази. Сега беше првата фаза на разгледување пред советниците од Карпош, по што од 5 август до 6 септември секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот планот е изложен на јавна анкета, додека јавната презентација за заинтересираните правни и физички лица ќе се одржи на 20 август во 13 часот – нагласуваат од Карпош.
Оттаму потенцираат дека ќе се задржи постојната состојба на објектот.Додаваат дека ДУП-от З 04, блок 5 е изработен во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022) и Регулацискиот план за ГУП на Град Скопје, З 04 (2019-2022 година), одлука бр. 27 – 974/1 од 29.01.2020 година и дека на јавната презентација планерите детално ќе објаснат што сè предвидува планот.(Б.Б.)