Ќе останат ли и пратениците без апанажа ако се распушти предвреме Собранието?
Одлуката на Уставниот суд, со која се укинува апанажата за пратеници, функционери или раководители на државни институции кои се разрешени или ако си дале оставка, не ги засега министрите на Алтернатива и Насер Нуредини од ДУИ кои само што беа сменеи од позицијата, а можат да се „провлечат“ и замениците министри ако поднесат барање додека да стапи одлуката во сила. Но, околу 40-тина функционери и раководители на државни фирми на Алтернатива и на Демократскиот сојуз, чија смена дури натаму ќе следи, ќе останат со куси ракави и ќе бидат првите што не ќе имаат можност да сметаат на надомест од државата.
Според толкувањата, бидејќи станува збор за укинување на Членот 22 од Законот за плати кој ја предвидуваше оваа привилегија, одлуката важи од денот кога ќе биде објавена во „Службен весник“, а сите што дотогаш ќе поднесат барање за апанажа ќе влезат во процедура и нема враќање.
Но, она што ги збунува експертите е како оваа одлука ќе се толкува при евентуално предвремено распуштање на Собранието поради изгласана недоверба на Владата или слабо парламентарно мнозинство, односно дали и пратенците кои беа заштитени како мечки во однос на другите функционери за апанажата може да се разбудат еден ден и без пратеничка фотелја и без државен надомест. Со сѐ понестабилната политичка сцена во државата вакви ситуации можат да станат вообичаени, односно пратеници што се избрани за четиригодишен мандат и по три години и неколку месеци поминати во Собранието да останат без очекуваната апанажа.