Ќе ја сочува ли Заев самодовербата!!!

ЕРОЛ РИЗАОВ

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, без сомнение има чисти намери да направи радикални кадровски промени во Владата и во партијата, кои треба да ги забрзаат реформите и да ги санираат резултатите од претседателските избори. Но од добри намери до резултати долг е патот, особено ако е поплочен со мини во сопствениот двор. Начинот на кој ги најави промените го исфрлаат на површина клучното прашање – дали Заев ќе ја сочува својата најсилна доблест, би рекол најсилно политичко оружје што го има, а тоа е самодовербата?

Неговиот шокантен влез на големата политичка сцена како опозициски лидер, носач на бомби со запалени фитили, со храбро барање директно во кабинетот на Никола Груевски, во тој момент неприкосновен владетел, да си замине посрамен од функцијата и од политиката, го означи денот кога почна падот на режимот и на груевизмот. И, потоа сите потези што ги направи за разрешување на најголемиот проблем на Македонија со мирни демонстрации и експлозии на бомби кои ја открија трагиката на ограбена и понижена држава, со историски избори и преземање на власта со крвав обид на поразените да се попречи изборниот резултат и волјата на граѓаните, со Преспанскиот договор и со договорот со Бугарија, со што паднаа блокадите на европскиот пат и се ослободи заробената држава, го открија како политичар и дома и надвор со силна самодоверба во остварување на решенија кои биле дотогаш незамисливи и нерешливи. Груевски падна, ама уште е жив груевизмот, и тоа прилично жив и жилав.

Од каде доаѓа опасноста дека Заев може да ја загуби самодовербата, и тоа во натпревар на домашен терен. Разрешувањето на претседателите на сите општински комитети на СДСМ, 77 на број, и огласувањето на конкурс за повторен прием на стари и нови претседатели, практично најавува дека во наредниот период социјалдемократите најмногу ќе се занимаваат со себе. Можно е некој да им подаде уште една поголема метла чистките да се покачат повисоко до врвот на партијата. Бидејќи во СДСМ традиционално има многу софисти, патувачки филозофи, експерти за морски дискусии кои можат со денови да прикажуваат гачки од типот колку ангели можат да застанат на врвот од иглата, треба да се очекува дека чистењето на рибата почнувајќи од опашката ќе потрае подолго. Оти Заев евидентно не е како Груевски, што недвосмислено посакуваат најголемиот број Македонци. Па, онака да му се јави на Миле, види ми текна, и на другите свои најблиски соработници кои се уште чекаат судски пресуди и одлагаат заминување во затвор и да им каже како ефикасно да ги отстранат сите што му стојат на патот. Вчудовидувачка и разочарувачка е примамливоста на цврста рака во Македонија. Додека уште трае битката по демократски пат за детронизација на Никола Груевски и за ослободување од груевизмот, сè уште се многубројни силите што сакаат управување со камшик. Штом слушнеш, абе не ги бива, што не го земат стапот, па да расчистат, што не ги затворат, што не ги сменат сите. Секој ден одев на протести, ништо не ми дадоа. Уште со државата управуваат вмровци. Ништо не направија цели две години… Ваквите повици за нов владетел кој ќе удира по противниците исто како и Груевски стануваат сè погласни потврдувајќи дека Македонците не знаат што да прават со слободата. Тоа е мислам досега најголема закана за самодовербата и на Заев и на сите што веруваат и знаат дека демократијата и владеење на правото во пострежимските држави траат подолго отколку периодот на диктатурата и неконтролираното владеење. Многу се подлабоки врските и спрегите инсталирани во период подолг од една деценија. Тие не се уриваат само со преземање на власта.

Има тука уште многу причини кои се гледаат и кои не се гледаат, а навестуваат уште изгубено време, најголемиот непријател во моментот и на Заев и на актуелната власт. Времето е фактор број еден за остварување на стратегиските цели на земјата и на сите граѓани од страна на тие што ја создадоа таа шанса бидејќи противниците сè уште не ја прифаќаат реалноста дека тоа е единствениот пат да се стигне до целта. Најавените реконструкции во Владата со смена на министри, заменици и помошници, советници, директори и раководни тимови на големите јавни претпријатија и државни фондови јасно покажува дека и коалициските партнери во власта најмногу време ќе трошат на меѓусебните односи. Затегнатоста меѓу СДСМ и ДУИ, за да продолжи килавото функционирање на двоглава влада, се гледа од авион, а јавните изјави на засегнати функционери од двете страни кажуваат дека секое чепкање не само во делбата на власта туку и во разрешување на функционери е голема фабричката грешка на системот од денот на конституирање на независната држава, особено кога коалициите се неминовни за тенко мнозинство во парламентот и за кревка влада. Ваквото посветување на најголемо внимание на самите себеси и изгубено време во историски цајтнот при добиената најголема битка, е најголемиот подарок на власта за опозицијата по претседателските избори, при што се забележуваат и првите искри на релација Пендаровски, Заев и Ахмети. Истовремено од врвот на СДСМ доаѓаат вести за големи концепциски разидувања и лична нетрпеливост меѓу селската левица и градската политичка аристократија.

Што да ви кажам, власта демонстрира планетарна будалаштина по победа на претседателски избори и при остварување на историски стремежи за влез во ЕУ, втурната во авантура да губи време со радикални чистки со признание дека не ѝ чинат работите, прифаќајќи ја метлата која прерасна во лов на вештерки во сопствената куќа. Од друга страна, опозицијата комотно лиферува обвиненија до Заев и до власта за своите грешки. Па така, додека се самораспуштаат СДСМ и Владата, додека ВМРО-ДПМНЕ го брани одземањето на мандатот на Никола Груевски небаре е светец, паѓаат од сите страни обвинувања за сè она што 11 години го правеа ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Државната антикорупциска комисија да работи поефикасно по тужбите на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи 11 години ништо не работела. Никогаш странските задолжувања не биле поголеми како сега. За една деценија дојдоа преку гуша, а сега за две години преку глава. Никогаш немало толку корупција, а и организиран криминал како сега, ама Специјалното јавно обвинителство да престане да работи и да прекине со истрагите, оти тоа не е законски издржано да се бркаат криминалци по изминат рок. Никогаш немало повеќе дрога и рекетари колку сега, пишува висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Ааууу, кај живееме не сме знаеле, никогаш судството и медиумите не биле подиригирани отколку сега, никогаш немало поголемо иселување од земјата отколку сега, никогаш немало поголема сиромаштија… на човек да му се преврти утробата кога ги слуша овие памфлети и лаги за дејности кои доживеаја процут во ерата на груевизмот. Згора на тоа, редовна припомош на лажните вести се партиски активисти и хронични пациенти кои имаат дење ноќе колективна терапија преку националните телевизии и на специјалните мрежи како најголемо достигнување на квазидемократијата. Ги гледам моите колеги сериозни професионалци како прифатиле понижувачка улога на уредувачките тимови кои бројат гледаност со „болни“ луѓе кои ја поздравуваат емисијата и водителот. Дајте бре конечно симнете го тој бербатлак. Викнете ги редовните пациенти во студио, викнете и психијатри и направете сеанса со директен пренос три дена и три ноќи, па кој е најдобар ставете го за министер.

Навистина тешко е да се сочува самодовербата во ваков амбиент, кога од една страна се постигнуваат успеси кои, ако почнат преговорите со ЕУ, означуваат почеток и на последната и најтешка фаза од спроведување на реформите од бриселските поглавја кои траат повеќе години, но ги отвораат пообилните финансиски фондови за успешно завршување на преговорите, а од друга страна треба да се решаваат проблемите дома кои се главно последица на неспособност, алчност и болни суети.