„Ќе има уште затворања“: Алармантно во Германија
Германските болници и клиники работат под зголемен финансиски притисок и, според истражувањето презентирано во четвртокот од консултантската куќа Роланд Бергер, две од три работат со загуба.
Повеќе од половина од 650 анкетирани менаџери на болници изјавиле дека во вториот квартал од 2024 година работеле со загрозена или многу загрозена ликвидност. Понатаму, 28 болници може да станат несолвентни до крајот на годината, пренесува агенцијата Дпа.
Петер Магунија од Роланд Бергер истакна дека и малите болници и големите универзитетски клиники се под голем финансиски притисок. „Јавните болници особено страдаат“, додаде тој.
Минатата година 70 отсто од германските болници завршија со загуба.
„Сметаме дека со економската ситуација ќе има уште затворања во блиска иднина“, рече Магунија.
Истражувањето ги потврдува претходните, песимистички оценки на Германското здружение на болници, кое претходно оваа година предупреди дека болниците се во невидена економска неволја. Според Здружението, рекордни 40 болници во Германија прогласиле неликвидност, а годинава се очекуваат уште повеќе.
Германската влада вети дека реформата што ќе стапи на сила во 2025 година ќе го стави финансирањето на болниците на цврсти темели. Но, тоа не ја отфрли неизвесноста во болниците, предупреди Магунија.
„Сега ниту една болница не може да ги пресмета и планира ефектите од реформата.“
На среден и долг рок, финансиската неволја ќе принуди многу болници да се спојат. „Половина од раководителите на советот размислуваат за тоа“, додаде експертот.
Имено, „многу болници нема да можат да опстанат сами, туку само како дел од група“.