Ќе го вратиме сјајот на Универзална сала, вели Костадиновска-Стојчевска


Универзална сала, јануари, 2023/ Фото: Б. Грданоски

„Пред повеќе од една година започна интензивната комуникација, проследена со неколку барања и писмо за намера до Градоначалничката на Град Скопје и конечно успеавме, после неколку месеци од донесувањето на Одлуката на Советот на Град Скопје, да постигнеме договор за пренесување на правото на реконструкција. Драго ми е што градската адинистрација согледа дека сме спремни да ја направиме. Сакаме и ќе го вратиме сјајот на Универзална сала која беше културно собиралиште на Скопјани и симболот на светската солидарност кон Скопје. За три години од сега, па и порано очекувам дека ќе ја имаме готова Универзалната сала. По завршување на целата документација, Министерството за култура веднаш ќе започне со интензивна работа и активностите ќе започнат уште месецов, за напуштеното градилиште да не продолжи да пропаѓа пред очите на скопјани и да не претставува безбедносен ризик за нив. По реконструкцијата, оваа сала ја враќаме на Град Скопје“, рече министерката за култура и потпретседателка на СДСМ Бисера Костадиновска – Стојчевска во „Студио 10’’ на ТВ 24.

Повеќе од една година помина откако министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, ненадејно отидоа кај градоначалничката Данела Арсовска во Град Скопје, за да се договорат Министерството за култура да ја преземе реконструкцијата на Универзалната сала. 

Реконструкцијата на Универзалната сала, почна уште пред заминувањето на претходниот градоначалник од функцијата. Потоа, актуелната градоначалничка продолжи со градежните работи, но набрзо  ги стопира работите, со објаснување дека плановите за реконструкција не се соодветни. Таа тврдеше дека конструкцијата нема да биде безбедна затоа што плановите не се соодветно изведени.

Откако централната власт се понуди да го заврши објектот, а потоа да го врати во владение на Градот, документацијата се чекаше повеќе од една година, иако Советот на Град Скопје донесе одлука Универзалната сала да се даде на Министерството за култура за завршување на градежните работи.
 
Скопје, ја доби титулата за Европски град на културата 2028 година, чиј носител на програмата е токму Универзалната сала, каде што треба да се одвиваат најголемиот дел од настаните.  На оваа вест заедно во Брисел се радуваа министерката и градоначалничката и со голем културно-забавен настан ја презентираа програмата за оваа културна манифестација, по враќањето во Скопје. 
 
Финансиската конструкција за Скопје како Европска престолнина на културата се очекува да се движи околу 10 милиони евра.
 
Веспрем во Унгарија, Темишвар во Романија и Елевсина во Грција се актуелни Европски престолнини на културата. Ги преземаа титулите од Каунас, Еш и Нови Сад кои во 2022-ра го славеа европското културно наследство.
 

„Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред ЕУ и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора .