Ќе го растури ли ВМРО ДПМНЕ Собранието?

Со примена на законските и уставни одредби кога се во прашање стабилноста на државата и државните интереси може да се спречи ВМРО-ДПМНЕ во својата злосторничка мисија да ја дестабилизира Македонија


За десет дена во Собранието ќе почне една од најзначајните дебати по осамостојувањето на Република Македонија. Пратениците ќе расправаат дали ќе го отворат патот за  уставни измени кои ако се усвојат водат кон членство на земјата во Европската унија, ако не се усвојат кон неизвесност за иднината на државата. Судејќи според денешниот однос на силите власт-опозиција ќе нема двотретинско мнозинство за да влезат Бугарите во Уставот. Таквата одлука ќе предизвика бура од воодушевување кај мнозинството Македонци и мнозинството Бугари во Бугарија. Да, да, воопшто да не се чудите, ќе се слави и во Бугарија.

Воодушевувањето во Македонија ќе биде поради „храброста“ за отфрлањето на „бугарскиот диктат“, а во Бугарија поради големото олеснување ако Македонија сама си стави вето. Се разбира, тоа ќе го соопштат бугарските политичари, доволно мудри да го искажат со големо жалење. По прославата на кукавичлукот кај нас ќе продолжи кавгата кој е виновен за поделбата на македонското општество по живо ткиво, за трагичните последици од безумието и за уште едно упропастување на македонските надежи за најголемиот стратегиски интерес во догледна иднина да биде европска држава како членка на ЕУ.

Соединението чини силата

На влезот на бугарското собрание пишува со големи букви „Соединението чини силата“, а на македонското ако надвладее безумието ќе треба да напишеме „го растурија македонските патриоти како бугарска скупштина“. Разликата е во тоа што бугарското собрание во еден период на комунизмот го растураа Русите, а нашето ако не ги спречиме ќе го растури ВМРО-ДПМНЕ со лажниот патриотизам.

Може ли да се спречи ВМРО-ДПМНЕ во својата злосторничка мисија да ја дестабилизира Македонија. Како може тоа да се постигне кога сите аргументи напишани и усвоени во документи на ЕУ и потврдени јавно од стотина светски и европски дипломати и државници, домашни јавни личности за неопходноста од уставни промени само го подгреваат лажниот патриотизам, кој кукавичлукот и лагата ги прикажува како јунаштво. Тоа мора да се преточи не само на јазик кој единствено го разбира врвот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, туку и со примена на законските и уставни одредби кои се задолжителни кога се во прашање стабилноста на државата и попречувањето на остварување на најзначајните државни интереси.

Христијан Мицкоски на секое јавно настапување повторува дека на предавниците на националните интереси за велепредавството со Преспанската спогодба со Грција и со Договорот за добрососедство со Бугарија ќе им се суди и ќе завршат во затвор кога ќе дојдат на власт. Тогаш, истото тоа треба да се каже и од актуелната власт, која е најодговорна ако не ги примени уставните и законски обврски против обидите  за попречување на државните интереси. Тие прецизно се напишани и во Уставот и во кривичниот законик на државата.

Претседателот на  ВМРО ДПМНЕ во своето последно интервју на новинарското прашање дали ќе има судење за велепредавства во Македонија поради склучување на договорите со Грција и со Бугарија, како веќе самопрогалсен премиер, ги охрабри јавните обвинители и судските инстанци да собираат докази за големите судски процеси кои ќе уследат кога тој ќе дојде на власт. Еве го неговиот одговор на застрашување: „Не е тешко да се докаже ако се има волја и ако се сака да се влезе во еден таков процес. Секој оној што ќе сака да го докаже својот кредибилитет како обвинител и како судија и ќе напредува, не само поради тоа што е близок со Христијан или ВМРО, ќе има можност за тоа да обвинува, а и да суди. Ако органите на прогонот обезбедат докази, вистината не може да биде ваква, или таква – една е вистината. А таа ќе се темели на доказите“.

Велепредавство или кршање на законите

Е, па ако е така, и ако вистината се темели на доказите, тогаш, уште утре треба да почнат истрагите, ако веќе не се почнати, на надлежните институции, дали се работи за велепредавство со склучување на договорите со соседите, или пак станува збор за грубо кршање на уставот и законите со попречување да бидат остварени најзначајните државни приоритети, како што се членството во НАТО и во ЕУ.

Претседателот на Америка Џо Бајден можеше да даде извршна наредба на двапати и во 2021 и во 2022 година со која се замрзнува имотот и им се забранува влез во САД на лица кои преставуваат закана по мирот и безбедноста на секоја држава на Западен Балкан. Санкциите се однесуваат и на оние лица кои се одговорни, или се вклучени во попречување на имплементацијата на Перспанскиот договор од 2018 и Охридскиот рамовен договор од 2001 година.

Имаат ли обврска и нашите одговорни функционери, премиерот, владата, претседателот на државата, Собранието и другите надлежни институции за безбедноста и стабилноста на државата да ги преземат сите мерки кои се должни да ги направат за да се спречи загрозувањето на стабилноста на државата и доведувањето во прашање на договорите со соседите, а со тоа и членството на Македонија во ЕУ.

Се разбира, такво нешто поучени од досегашните искуства нема да се случи во Македонија. Таков патриотизам кај нас нема. Нема да се случи ни најдоброто и најлесно решение да се постигне меѓупартиски консензус и за уставни промени и за предвремени парламентарни избори. Излезот ќе се бара, како и многу пати досега, други да ни го решат проблемот. Сакаме Америка и Европа силно да удрат на маса, да ѝ се заканат на Бугарија и преговорите со ЕУ така да почнат. Тоа нема да се случи будејќи тие удрија колку што беше потребно и колку што налагаат нивните правила и интереси. Ако ние самите не сакаме да слушнеме и да разбереме кои се нашите интереси и ако самите си ставаме блокади неминовно следува најлошто решение. Сите да кренат раце од нас и да не остават сами да си ја растуриме државата.

Ова не би го дозволиле ни демократи, ниту националисти, а најмалку вистински патриоти. Вакво нешто можат да направат, да го употребам најблагиот израз, само луѓе кои со години успеваат да ги застрашуваат граѓаните со опасности од  изгубен идентитет, јазик, национална и верска припадност, со украдено историското минато, а од тоа ништо не е изгубено, ниту пак може да се изгуби додека имаме држава. Се препознаваат по тоа што постојано откриваат предавници и непријатели и се повикуваат на народот. За непријатели ги прогласија и своите пратеници со чиј глас во Собранието Македонија стана членка на НАТО. Се препознаваат и по тоа што само тие ги употребуваат изразите северномакедонци, северџани, северномакедонски  јазик, како аргумент за обезличување на Македонија. Сега е време да се препознае од народот нивното предавство на националните и државни интереси. Ако не ги препознаат, тогаш ништо. 

(Линк до текстот во Дојче веле овде)