Ќе добие ли „Визер“ конкуренција во земјава. Еве со какви мерки ќе се зголемува бројот на летови и патници


Фото: Б. Грданоски

Со сет мерки Владата во текот на 2025 година ќе го зголемува бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром. Така, со цел да се избегне зависност од само една авиокомпанија се воведуваат субвенции по дестинации, а важна промена е и субвенционирањето по патник на доаѓање во Македонија, наместо како сега на заминување од Македонија. Целта на овие новини е во Македонија да доаѓаат туристи и да им се овозможи на полесен, побрз и поевтин начин да дојдат, истакна денес на прес конференција во Владата министерот за транспорт Александар Николоски.

Тој посочи дека се зголемува и поддршката од седум евра по превезен патник од скопскиот аеродром на девет евра, а на охридскиот аеродром наместо 4,5 евра како досега ќе се доделуваат 12 евра по превезен патник.

„Новите дестинации може да бидат и надвор од Европската Унија. На овој начин очекуваме да привлечеме патници и туристи од Блискиот и од Далечниот исток и од други дестинации. Очекуваме поради тоа во следната година бројот на патници да се зголеми најмлаку за 200 илјади“, посочи Николоски и додаде деека досега се субвенционираа летови само во рамките на аеродроми кои се наоѓаат во ЕУ.

Новата програма ќе започне од 1 јануари 2025 година и ќе трае до 31 декември 2027 година и за таа цел на годишно ниво се предидува сума од 125 милиони денари или вкупно 375 милиони денари за поддршка на авиосообраќајот или за еден милион евра повеќе од досега планираното. Повикот за субвенциониран авиопревозот ќе биде објавен следната недела.

„На денешната седница на Владата донесовме неколку мерки кои треба сериозно да ја подобрат состојбата со воздушниот сообраќај. Сетот на мерки кои ќе ги преземеме во 2025 година треба да донесат во Македонија 200 илјади патници повеќе од досега, а во годините што следуваат тој број и да се зголемува“, рече Николоски.

Тој посочи дека земјава се соочува со намалување на бројот на летови, на бројот на дестинации и на бројот на патници. Тоа, како што кажа, се должи на бројни фактори за кои треба да се наоѓаат решенија во следниот период.

„За таа цел се коригираат условите за авиокомпаниите кои би учествувале во авиосообраќајот. Тие би требало да имаат превезено најмалку пет милиони патници во текот на 2023 година и да имаат најмалку 10 милиони евра профит во 2023 година. Во новата програма се трга и барањето за задолжително оперирање на дестинацијата по истекот на периодот за поддршка за онолку време колку што била предвидена финансиска поддршка, што е главната причина зошто се намалуваше бројот на патници од охридскиот и од скопскиот аеродром. Покрај тоа, повеќе нема да се субвенционираат авиокомпании, туку дестинации што значи дека повикот ќе биде отворен за сите авиокомпании кои ги исполнуваат условите за секоја засебна дестинација“, потенцира Николоски.

На овој начин, додаде, се решава проблемот со зависност од една авиокомпанија, а токму тоа е причината за намалувањето на патници од скопскиот и охридскиот аеродром од над 330 илјади патници годинава заради проблемот што го има „Визер“ со сопствените авиони што на ниеден начин не е поврзан со состојбата во земјава.