Ќе биде ли 2023-та година на уставни измени, или на избори и уставни измени?


 

Еден од главните предизвици што не очекува е процесот на евроинтеграција што за нас, покрај скринингот, реформите, справувањето со корупцијата, носењето на законите и енергетската криза, ќе значи и измена на Уставот и Преамбулата на Уставот. Не се знае кога Владата ќе донесе одлука за почеток на постапката за менување на Уставот, но за да се стаса до завршувањето на скринингот во ноември потребно е тој да почне на почетокот на годинава. Дали ќе има поддршка за уставни измени, коишто произлегоа од францускиот предлог предизвикан од преговорите со Бугарија, зависи најмногу од обезбедување двотретинско мнозинство (80 гласови) во Парламентот. Засега тоа е неизвесно, иако од владејачките партии тврдат дека работат на негово постигнување.

Во заклучоците на Советот на ЕУ пишува дека во моментот кога ќе биде променет Уставот и се внесат уште три заедници во него, без нови одлуки и без одлагање ќе се свика втората Меѓувладина конференција на која што ќе започне да се разговара за поглавјата.

Последната недела од старата година политичките партии ја искористија да ги повторат своите веќе утврдени ставови во однос на уставните измени, некои своите гласови ги условија со предвремени парламентарни избори, додека главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ побара најнапред да се одржат избори. Во минатогодишната дебата за уставни измени беа дадени низа предлози, од кои се чини најреален дека би можело да се случи е бришењето на формулацијата „јазикот што го говорат повеќе од 20 проценти….“.

Премиерот Димитар Ковачевски потенцира дека условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи и наместо тоа повикува на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата.

-Во моментот кога ќе имаме широк општествен и политички консензус по истото тогаш ќе може да се најде во Собранието, изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали веднаш по новогодишните празници ќе почне постапката за уставни измени.

-Уставните измени со коишто се овозможува продолжување на европскиот пат на државата и кое што е една од одлуките на патот до полноправно членство треба да биде наднационално и надполитичко прашање кое што овозможува подобра иднина за сите граѓани на сегашнава и на идните генерации. Тоа прашање секако дека ќе се најде во Собранието. Нормално дека ќе му претходат политички консултации, ќе има претходно и стручна расправа со оглед на тоа дека се работи за уставни измени и во моментот кога ќе имаме широк општествен и политички консензус по истото тогаш ќе може да се најде во Собранието, рече Ковачевски. Премиерот кажа дека никогаш не се врзува со датуми туку со цел, а тоа е Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ.

Во интервју за националната телевизија, пак, тој остана доследен на ставот дека избори ќе има во 2024 година, односно дека 2023 нема да биде изборна година, бидејќи се уште трае скринингот.

-Скринингот треба да заврши во ноември 2023 година и ние најверојатно нема да направиме да се прекине скринигнот сега, по 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане и економската криза, би требало да бидат функционални институциите кои што ќе се справуваат со неа. Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат, јас гледам некои политички партии викаат ние ќе гласаме доколку ќе има избори, кажа Ковачевски во интервју за Националната телевизија.

Според него, сите обвинувања што од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа кажани при прифаќањето и носењето на заклучоците во Собранието во однос на европскиот предлог предложен од Француското претседателство паднаа во вода.

Ковачевски побара од сите 120 пратеници  во Собранието „да покажат одговорност и да го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, а партиските интереси да ги остават настрана, бидејќи граѓаните сакат да бидат дел од ЕУ, а иднината на граѓаните е подеднаква обврска на сите политички партии во Парламентот“.

 
 
Шефот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците потенцираше дека е потребна јасна и чиста процедура за промена на Уставот.
 
-Потребна ни е кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, рече Пендаровски.
 
Зборувајќи за комплексот на прашања поврзани со нашите европски интеграции кои конечно ги отворивме по долги седумнаесет години чекање, Пендаровски рече дека пратениците треба да имаат пред очи две работи во однос на прашањето за промена на Уставот.
 
–   Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи  во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт, изјави Пендаровски.
 
Нашата обврска за промена на Уставот, според Пендаровски, не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во земјава, меѓутоа, останува впечатокот дека „станува збор за временски темпирана и организирана активност“ која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.
 

За помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, нагласи Пендаровски, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година беше поддржана од 95 пратеници.

Прашањето за уставните измени во медиумите и во јавноста е високо на агендата иако се уште не е јасно како ќе се обезбедат 80-те пратеници во ситуација кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во интервју пред новогодишните празници на прашањето како власта планира да ги направи уставните измени кога опозицијата сè уште е цврста на ставот дека нема да ги гласа и бара предвремени избори, вели дека Владата и како мнозинство во Собранието работат на создавање поволна атмосфера, за да дојде до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени, коишто содржински за никого не се спорни.

– Тоа јавно го кажуваат, дури и оние партии кои сега се противат на Францускиот предлог, дека немаат против внесување на уште две, три или четири заедници во Уставот. Наместо предвремени избори, мислам дека е многу поважно и попаметно опозицијата да ги надмине партиските интереси, да вложи напори и да учествува и во уставните измени и во процесот на преговори, за на дело да покаже дека е за напредок на државата и за нејзина европска перспектива, рече вицепремиерот.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и коалициски партнер во Владата вели: „Измената на Уставот ни го отвора патот за влез во Европската Унија. Затоа, ова е момент на меѓународно легитимирање на нацијата на нашите сограѓани Македонци. Во спротивно, да не се остава простор за сомнежи и толкувања зошто не е прифатено бугарското малцинство во уставните измени“.

– Со оспорувањето и отворањето на овие дилеми, се разбира, овој пат станува покомплициран и потежок. Затоа, колку побргу се реши и ова прашање, толку побрзо и подобро е за државата и за нашата заедничка перспектива и иднина, истакна Ахмети. Според него, целата политизација на ова прашање во Бугарија изгледа неразумна и претерана, а ДУИ, но и сите албански политички партии никогаш не работеле на штета на своите македонски сограѓани. Ова, според него, е историски момент.

Иџет Меџити, кој ја предводи т.н. огнена група на ДУИ и од која дел се неколкумина пратеници на оваа владејачка партија, на прес-конференција на новинарско прашање рече дека кога се во прашање стратешките приоритети на земјата тие секогаш ќе даваат поддршка. Меџити не одговори директно дали тие ги условуваат своите гласови, барајќи промена на челни луѓе во партијата.

Најголемата опозициска партија во земјата ВМРО-ДПМНЕ предлага предвремени парламентарни избори во периодот меѓу 14 и 21 мај следната година. Изборната кампања би почнала на 25 април, а целта на тие избори, како што брифираа од партијата, е ресет на системот и воведување на поголема стабилност. Со оглед на тоа што власта во моментов е на сосема спротивен став дека не се потребни предвремени избори и оти треба да се оди на редовните во 2024 година од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе ги искористат сите механизми за да ја постигнат својата цел и оти ќе бидат креативни во изнаоѓање на начинот на одржување на тие избори.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, истакна лидерот Христијан Мицкоски, останува ист. Опозициската партија не поддржува уставни измени. Во моментов, а во врска со тоа дали такви избори би поддржале доколку се прифатат предвремени парламентарни избори, од партијата велат дека тоа е сериозен процес кон којшто сериозно ќе пристапат имајќи ги предвид сите аспекти на важноста на ова прашање.  Додаваат дека тие како партија го поддржуваат членството во Европската унија и оти доколку има избори детално во нивната предизборна програма ќе наведат како земјава ќе продолжи по тој пат што ќе биде транспарентно претставено пред гласачите кои доколку има избори би се одлучиле дали ќе ја дадат поддршката на политиката што ја нуди оваа партија.

Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово Биљал Касами по прозивките од власта дека е против евроинтеграциите, порача дека проблемот е токму во актуелната Влада и затоа сака да има предвремени избори. Тој ги повтори ставовите дека потребно е да има предвремени парламентарни избори. Претходно Касами изјави дека нивните пратеници ќе ги дадат гласовите за уставни измени доколку во земјата се одржат предвремни избори.

Алтернатива излезе со предлог за уставни измени со кој очекува дека ќе се спречи сите избрани и именувани функционери во закондавната, извршната и локалната власт да се стекнат со противправна имотна корист. Претседателот на партијата Африм Гаши очекува за овој нивни предлог да се обединат сите политички партии во земјата. Вели дека амандманот кој предлгаат да се внесе во Уставот е изработен во широка консултација со правните тимови на партијата и дека од денес предлог текстот ќе го стават на широка јавна дебата. За барањето на дел од албанските партии да се избрише од Уставот формулацијата „јазикот што го говорат повеќе од 20 проценти….“, велат дека се согласни, но оти дебатата треба да се води внимателно бидејќи не смее да има победници и поразени.

Партијата Левица на крајот на ноември на седница на Централниот комитет ја рефирмира позицијата против најавените уставни измени, кои од страна на Владата, како што наведоа, се лажно претставени како нужност за европската иднина на државата и се залага за итен прекин на преговорите со Република Бугарија. Преговори во оваа насока, за нив се прифатливи единствено со институциите на ЕУ, без засебни преговори со било која од нејзините земји-членки.

-Левица го афирмира ставот за интеграција во ЕУ на Република Македонија, но, не по цена на рушењето на државните конститутивни елементи – загрозувањето на унитарноста, независноста, суверенитетот и екслузивното право Република Македонија суверено да одлучува за своите внатрешни прашања, како и нејзината државна позиција во меѓународните односи, соопшти тогаш партијата.

Алијансата на Албанците, без разлика дали ќе стане дел од Владата или нема, ќе поддржи уставни измени.

Павле Трајано од ДС изјави дека ќе поддржи уставни измени доколку Бугарија го признае македонското малцинство.

Останатите пратеници од помалите партии кои се дел од власта од ЛДП, ДОМ и НСДП исто така ќе поддржат уставни измени.

Постапка за носење на измените на Уставот и на Преамбулата на Уставот

Претседателот на Собранието Талат Џафери на средба со новинарите минатата недела не кажа кога ќе почне постапката за уставни измени, потенцирајќи дека тој како претседател на матичната комисија е подготвен веднаш штом до него дојде предлог да ја почне оваа постапка. За евентуални предвремени избори напролет во корист на уставни измени, Џафери смета дека треба да се види интересот на процесот.

-И во моментот кога ќе сметаат дека имаат услови да покренат иницијатива јас сум подготвен како претседател на Комисијата и на Собранието да постапувам согласно процедурата, откако ќе се добие иницијатива понатаму, истакна Џафери.

Постапката за измена на Уставот на Република Северна Македонија започнува со давање на предлог за пристапување кон измена на Уставот и со донесување одлука за пристапување кон измена на Уставот. Постапката има три фази: утврдување на нацрт на актот и негово ставање на јавна дискусија, утврдување на предлог на актот и одлучување и прогласување на уставната измена од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

Согласно одредбите на Уставот на Република Северна Македонија, предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат: Претседателот на Републиката, Владата на Република Северна Македонија, најмалку 30 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и 150.000 граѓани.

По поднесување на предлогот, потребно е да се донесе Одлука за пристапување кон измена на Уставот што ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За да се донесе одлуката, таа мора да биде поткрепена и донесена врз основа на образложен предлог што го поднесува овластениот предлагач на уставната измена и мора да биде јасно и конкретно образложена концепцијата и целите на кои се темели уставната измена.

Потоа, се пристапува кон утврдување на Нацртот за измена на Уставот, кој, исто така, го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во оваа постапка се утврдува предлогот на Уставот (нацрт – текстот на Уставот) кој потоа се става на јавна расправа.

Предлогот на Уставот го утврдува Собранието на седница доколку гласале две третини од мнозинството пратеници, имајќи ги во предвид резултатите од јавната дискусија. Коментарите од јавната дискусија во текстот на предлогот на актот ги вградува Комисијата за уставни прашања на Собранието, во тесна соработка со стручната група, што ја формира Собранието.

Потоа, се пристапува кон донесување на Одлука за измена на Уставот од страна на Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За предлогот на Уставот се води општа расправа за предлог текстот и за секој член од текстот поединечно.

Пратениците имаат право да предлагат амандмани за подобрување на предлог текстот на Уставот.

За усвојувањето на уставната измена, Собранието донесува одлука за прогласување на уставната измена со двотретинско мнозинство гласови.

За промена на Преамбулата на Уставот, пак, потребно е двојно мнозинство гласови: двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Исто така, со двојно мнозинство се менуваат и членовите за локална самоуправа, одредбите кои се однесуваат на правата на припадниците на заедниците, особено одредбите кои се однесуваат на службената употреба на јазиците, темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, еднаквоста на граѓаните, слободата на верисповеста, правата на заедниците, историското и уметничкото богатство на Македонија, Народниот правобранител, Комитетот за односи меѓу заедниците, Советот за безбедност, Судскиот совет и Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Пратениците од малцинските заедници учествуваат издвоено во гласањето само во фазата на одлучување и прогласување на уставната измена, како и во фазата на прифаќање на предлогот да се пристапи кон промена на одредбите од посебен интерес за тие заедници. Додека, тие не учествуваат издвоено во гласањето за другите фази од уставната постапка (нацрт на уставната измена).

Постојат два основни облика за менување на уставот: уставен закон (за обемни промени во текстот на Уставот) и уставни амандмани (за мали измени во важечките уставни одредби).

Уставните закони се донесуваат кога е потребно да се доуреди уставниот текст или доколку е потребна пообемна уставна интервенција. Тие се донесуваат во постапка утврдена за измена на уставот.

Амандманско менување на Уставот се врши како издвоен текст. Амандманската техника за дополнување или измена на Уставот до сега е применета осум пати. Амандманите од 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009, 2011 и 2019 година се составен дел на Уставот и вкупно се 36 амандмани (I – XXXVI).