Кисела Вода вечерва организира бесплатна полуматурска забава за сите ученици


Денес Општина Кисела Вода со голема радост ја организира првата заедничка, бесплатна полуматурска забава за сите ученици од 9-то одделение на територија на општината. Горди сме што сме првата општина што не само што слуша, туку и постапува од срце за својата младина, сподели преку социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека веруваат дека секое дете заслужува еднаква можност за спомени, радост и прослава – без разлики, без поделби и дека оваа иницијатива е поттикната од вредностите кои ги градиме заедно: вклученост, еднаквост и заедништво.

„Им благодариме на сите наставници, родители, Strawberry продукција кои ја препознаа иницијативата и најголема благодарност до учениците што беа дел од оваа мисија. Тие не беа само учесници – тие беа гласот на своите соученици, а сите деветтооделенци од Општина Кисела Вода беа срцето на проектот. Сами ги креираа идеите, видеата, пораките… и покажаа колку можат кога ќе им се даде доверба и простор. Неизмерно сме горди на вас!“, порача градноачалникот.

Тој додаде дека вечерва е нивна вечер. Вечер на која ги очекува забава полна со музика, енергија, смеа и моменти што ќе ги паметат засекогаш.

„Ова не е само прослава , ова се спомени што се градат за цел живот. Нека оваа вечер биде потсетник дека вистинските вредности почнуваат од тука – од заедништво, од поддршка, од срце.  Драги наши полуматуранти, се гледаме вечерва“ порача Орце Ѓорѓиевски.