Кисела Вода овозможува поевтино градење куќа за млади брачни парови до 40 години


Фото: Б. Грданоски

Ослободување во висина од 5.000 до 6.600 евра нуди Општината Кисела Вода, за млади брачни парови, кои сакаат да изградат куќа во оваа општина, со услов да не го продаваат објектот во следните 10 години. 

Кампањата „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, ја најави денеска градоначалникот на Кислеа Вода, Орце Ѓорѓиевски, а рече дека се работи за иницијатива која е директен одговор на потребите на младите брачни парови кои се стремат да изградат свој дом во нашата општина и претставува значаен чекор напред во борбата за демографската обнова.

– Преку проектот „Кисела Вода – адреса за заеднички дом’, брачните парови до 40-годишна возраст, коишто немаат друг имот во своја сопственост, од Општина Кисела Вода ќе добијат можност за делумно или целосно ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште. Условите за изградба на објекти со намена А1 домување, односно куќи, се прилично едноставни: инвеститори мора да бидат двата брачни другари кои не се постари од 40 години, брачните другари да немаат друг објект во своја сопственост и да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објекти. Проектот како составен дел од документацијата за одобрение, согласно закон, да содржи само една станбена единица. Инвеститорите мора да склучат договор со општината дека објектот нема да го оттуѓуваат во рок од 10 години, од денот на склучување на овој договор. Преку ослободувањето од плаќање на комуналии, предвидено на ниво во висина од 40 проценти, за објекти во рамки на на градски урбанистички план на Град Скопје и 100 проценти за објекти надвор од градското подрачје, нашата општина го олеснува патот кон изградба на сопствени домови за младите“, појасни Ѓорѓиевски.

Тој илустративно пресмета дека за изградба на куќа од 100 м2 во Црниче, младата брачна двојка би добила ослободување во износ од 6.600 евра, додека во село Драчево за истата квадратура, 5.000 евра.

„За оваа намена ќе бидат обезбедени и три типски проектни документации за куќи од 80, 100 и 120 метри врадратни, кои бесплатно ќе може да се симнат од општинската веб-страница“, додаде Ѓорѓиевски.

Оваа одлука вчера доби мнозинска поддршка од Советот на нашата општина, а „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ не е само мерка, туку и визија за заедничка иднина, смета Ѓорѓиевски.

 

– Она што е исто така сметам дека е важно да се истакне е дека преку „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, паралелно придонесуваме и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот. Според податоците, само 27% од сопствениците на недвижности се жени, и затоа, со предлог-одлуката која бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.