Кисела Вода доби паметна и еколошка платформа – ќе функционира ли долго?

За првпат во Македонија, ,,City and me” – паметна, еколошка и граѓански ориентирана платформа, најавува Општината Кисела Вода од денеска, а преку неа граѓаните на оваа општина што ќе ја косритат добиваат ваучери за билети за кино, попусти на кафе во одредени кафулиња и друго.
– Денес го одбележавме почетокот на еден навистина иновативен и значаен проект за нашата општина – официјалното лансирање на апликацијата „City and Me“ во Кисела Вода – првата општина во Македонија која ја имплементира оваа паметна, еколошка и граѓански ориентирана платформа – вели градоналачникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Апликацијата „City and Me“ веќе брои над 30.000 корисници низ Балканот, а од денес, токму нашите граѓани стануваат дел од оваа заедница која секојдневно прави чекори кон подобро, поодржливо и покултурно живеење.
Преку „City and Me“, секој жител на Кисела Вода кој ќе избере да пешачи, да вози велосипед, да рециклира, да пријави проблем или да гласа за решение за локален проблем, ќе може да добие симболична, но многу значајна награда – токен.
Тој може да се искористи за билет во кино, дрвце кое ќе го носи неговото име, кафе со пријател, или друга услуга во нашите локални деловни објекти кои се приклучија како партнери во оваа платформа.
Граѓаните преку апликацијата „City and Me“ ќе можат да учествуваат во локално одлучување – преку анкети и дигитални гласања, да пријавуваат проблеми и предлози, со што комуникацијата со институциите станува директна и ефикасна – да бидат дел од дигитална платформа каде мали добри дела се наградуваат и препознаваат!
Вакви слични платформи промовираше и Општина Аеродром пред неколку години, една па друга, а актуелната „Смарт Аеродром“ уште не донела некој личен бенефит за нејзините жители. Да не заборавиме дека претходно за комуникација со општината, односно пријавување проблеми се појавија и Хиги Аеродром и Клин Аеродром, како и мЗаедница. Оваа последнава се воспостави во повеќе општини низ Македонија, но дека донесоа некој пресврт во одржување на јавните површини, тешко дека можеме да посведочиме.
Најмалку пет-шест години општините низ Македонија најавуваат и воспоставуваат вакви апликации, но тие не даваат никаков резултат. Дополнително што не се ни унифицирани (освен мЗаедница), па секој да може да пристапи за секоја општина. Само се плаќа со граѓански пари нивната изработка и воспоставување, а потоа ретко се назначува лице кое ќе ги следи тие пријави, да даде задача на соодветните ресори во општините.
Ѓорѓиевски најави дека оваа платформа ќе придонесе и за зазаленување на Кислеа Вода, а се заблагодари и на нивниот партнер Startup Macedonia, преку кои се овозможи оваа платформа.
– Денес, сите заедно ја потпишуваме и Декларацијата за зелени промени, со која се обврзуваме дека ќе ја штитиме животната средина и ќе ги поттикнуваме граѓаните да учествуваат во зелени практики, ќе соработуваме отворено – институции, компании и граѓани – за поодржливо и почисто урбано живеење, ќе создадеме мрежа на
Зелени херои кои преку оваа платформа ќе ја менуваат реалноста – чекор по чекор.
Сакам искрено да им се заблагодарам на тимот на City and Me за визијата и вложениот труд, како и до нашиот вреден партнер – Startup Macedonia, организација која веќе години наназад го гради еден силен екосистем на иновации, младински идеи и претприемништво – додава Ѓорѓиевски
Апликацијата ,,City and me” може да преземе на Playstore (Android) и App Store (iOS).