Кирил Петков веќе никој не сака да го слуша за Македонија

„Молбата“ до претседателот Радев да го свика Консултативниот совет наиде на студен прием. Петков остана без маневарски простор, ако воопшто и го имал претходно


 

Позицијата на бугарскиот премиер Кирил Петков во бугарската политика, барем што се однесува кон Македонија, изгледа остана целосно осамена. Па дури и кога тој се приклучи на фонот на мнозинството политичари, кои не сакаат ни да разговараат да се симне ветото ако Скопје не ги исполни сите барања на Софија.

Вчерашната „молба“ испратена преку видео обраќање до претседателот Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за на него да се расправа за последниот развој на настаните и сѐ поочигледниот притисок од ЕУ, влијателните земји-членки и САД, Софија да го крене ветото, наиде на студен прием. И тоа од претседателската канцеларија. 

Ставот на Радев го пренесе денеска потпретседетелката Илијана Јотова. „Во вчерашното видео обраќање на премиерот Кирил Петков имаше нешто недокажано“, рече таа. „Имав чувство дека нешто се случило. На крајот од работниот ден, одеднаш толку неочекувано. Ако ги искористиме начините на изразување и стилот на владеење – се случи нешто имплицитно“, рече Јотова.

Според неа, премиерот ја оправдал својата одлука со меѓународен притисок, но не дозволил да се слушнат други аргументи – „дали има промена на условите, дали има нови резултати од Македонија“. Јотова додаде дека „ќе видиме“ каква ќе биде одлуката на претседателот Румен Радев во врска со повикот на Петков за свикување на Советот. Тој прво ќе анализирал, па ќе донел одлука.

Јотова потсети на петчасовниот состанок на Советот на 10 јануари, осум дена пред Петков да дојде во Скопје, кој излезе со став дека Бугарија не може да се обврзе на роковите за укинување на ветото за почеток на преговорите и дека чека конкретни резултати од Скопје, особено Договорот за добрососедство. „Доколку премиерот има аргументи во оваа насока, добро е да се слушнат. Неговите вчерашни аргументи се со надворешна адреса. Доколку владата дала некакви гаранции и договори, треба да ги знаеме“, рече таа.

На критиките за политиката на премиерот Кирил Петков во однос на спорот со Македонија во саботата наутро се приклучи и партијата на Слави Трифонов, Има таков народ (ИТН), која е дел од владината коалиција.

„Се потврдуваат сомневањата на ИТН дека бугарската влада се обврзала дека Бугарија нема да се спротивстави на пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ“, изјави пратеникот од партијата Станислав Балабанов за бТВ. Според Балабанов, тие сомнежи биле потврдени со видео-обраќањето на Петков во петокот вечерта.

„Зарем не видовте колку загрижено изгледаше Кирил Петков при ова обраќање“, праша Балабанов. Според него, нема смисла да се свика Консултативен совет, бидејќи на претходниот состанок се потврдил ставот на Бугарија за Македонија и оттогаш не е променет. Изгледа премиерот и неговиот тим дадоа ветувања за компромиси и сега се прашуваат што да прават, се сомнева Балабанов.

Но, вицепремиерот Асен Василев од владејачката партија Продолжуваме со промената денеска во интервју за ТВ Нова ги демантираше сомнежите на пратеникот на ИТН. Според Василев, Консултативниот совет треба да се свика бидејќи на секои шест месеци во европските институции се гласа за почеток на преговори со Македонија, а наскоро следува ново гласање.

Вицепремиерот не смета дека ќе биде лесно да се направи пресврт во позицијата на Бугарија. Тоа може да се промени само ако „сите партии (вклучувајќи ја и опозицијата во парламентот) и претседателот сметаат дека тоа е добро за Бугарија“, а тоа тешко може да се случи, рече Василев.

Најрадикални во реакциите беа симпатизерите и членовите на националистичката партија ВМРО, која сега не е дел од парламентот. Тие со протест ја блокираа Кресненската Клисура 15 минути во саботата околу пладне и сериозно го отежна сообраќајот во областа во време кога многу Бугари во текот на викендот одеа кон Грција.

Слоганот на протестот беше „Не изневерувај ја Македонија“ и како што изјави европратеникот од ВМРО, Ангел Џамбаски, тоа е предупредување до власта дека нема да дозволат никакво отстапување од рамковниот став и декларацијата изгласана од собранието околу Македонија. ВМРО ја повикува бугарската влада да не го укинува ветото. Протестот е и поради „притисокот без преседан ид Брисел врз Бугарија“. (Н.В.)