Кирил Петков очекува брза средба со новиот македонски премиер
Петте работни групи секој месец би требало да дадат по еден позитивен резултат
Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска од Брисел изјави дека се надева на брза средба со новиот претседател на македонската влада и формирање заеднички работни групи за постигнување конкретни резултати. Петков денска беше во Брисел на средба за запознавање со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Заедно со него беа и вицепремиерот Асен Василев и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.
Петков, како што јавува БТА, по средбата со Лајен рекол дека овие работни групи можат да се состануваат секој месец и да известуваат за напредокот. „Кога реков шест месеци, тоа го кажувам за процесот што сакам да го организирам за овие пет работни групи и по можност секој месец да има некој позитивен резултат, а не само состаноци“, рече Петков.
Според него, потребно е да се направат јасни проценки за изградба на инфраструктурата, за да се обезбеди подобар пристап до бизнисот од двете страни на заедничката граница. Тој вели дека Балканот е пазар колку Франција и добро е да има фокус на она што сите можат да го добијат.
„Мора да ја смениме реториката за позитивните, а не само за негативните работи“, рече премиерот Петков.
Тој ѝ потврдил на Фон дер Лајен дека нема промена на бугарската позиција спрема Македонија, но дека таа ќе биде надоградена во правец на инфраструкурата, бизнисот, културата…
„Кога реториката ќе стане ‘Што може да се спечали’ тогаш ќе биде подобро да се разговара за компромиси за точките што ни се важни – вклучително и за правата на Бугарите во Македонија, кои не треба да се чувствуваат дискриминирани“, рече Петков.
Според него, Фон дер Лајен била многу задоволна од намерите на бугарската влада за борбата против корупцијата и дека тоа било повеќе отколку што очекувала Европската комисија.