Кинески „Нио“ ќе ги дава под наем батериите за скапите електрични автомобили


Кинескиот производител на електрични возила „Нио“ воведе услуга за изнајмување на батериите со цел да ја намали цената на возилата со тоа што при купување од нив ќе го издвои најскапиот дел – батеријата што ги прави недостапни за многу заинтересирани купувачи.

Услугата за изнајмување на батериите (BaaS) вклучува плаќање на месечни надоместоци за нивна употреба.

Најевтиниот автомобил „Нио“ по субвенциите сега е спортскиот теренец ES6, кој чини 273.600 јуани (39.553 долари), без сопственост на батеријата. Кога е вклучена цената на батеријата, чини 343.600 јуани, пренесува СЕЕбиз.

„Веруваме дека благодарение на услугата ‘Баас’ повеќе купувачи на бензински автомобили ќе размислат да купат електрично возило“, изјави извршен директор на кинеската компанија Вилијам Ли пред новинарите.

„Нио“ во Кина има 143 станици каде што возачите можат да ги заменат користените батерии со целосно наполнети. Тие градат нова станица секоја недела и планираат да направат уште 300 следната година, вели Ли.

Тој се надева дека од втората половина на 2021 година ќе започне со влегување на некои странски пазари, прво во Европа, а од 2022 година и во други делови на светот.

Кинеското министерство за индустрија планира да промовира набавка на возила со батерии што можат да се користат во различни модели.

Затоа сите автомобили „Нио“ имаат исти батерии, а стандардизирани се и оние на неговиот конкурент BAIC BluePark New Energy Technology Co. Ltd , напоменува Ројтерс.