Кина сè уште не им одобрила на научниците влез за да го испитаат потеклото на короната
Челникот на Светската здравствена организација изјави дека е многу разочаран затоа што Кина сè уште не го одобрила влезот на тимот меѓународни стручњаци кои треба да го испитаат потеклото на корона вирусот.
„Денеска дознавме дека кинеските надлежни уште не ги завршиле потребните дозволи за доаѓање на тимот во Кина. Многу сум разочаран со оваа информација“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, на конференција за новинарите во Женева, јави Ројтерс.
Гебрејесус истакна дека членовите на меѓународниот научен тим почнаа со подготовки за заминување во Кина во согласност со договорот меѓу СЗО и Пекинг. Двајца членови на овој тим веќе тргнаа на пат, а другите се подготвуваат за заминување.
„Бев во контакт со високи кинески функционери и уште еднаш им ставив до знаење дека влезот на стручњаците е приоритет за СЗО“, рече Гебрејесус за новинарите.
Како што порано беше договорено меѓу СЗО и Пекинг, меѓународните стручњаци треба да извршат испитување во Вухан, каде се забележани првите случаи на корона вирус.