Кина и САД заеднички разбија шверцерска група на фентанил, дрога 50 пати помоќна од хероинот


Кинескиот суд осуди девет лица, едно со одложена смртна казна, поради шверц со опиоиден аналгетик фентанил во Соединетите Американски Држави.

– Американските и кинеските власти заеднички работеа за разбивање на шверцерската група која во САД шверцуваше фентанил и други опиоиди со помош на курири, изјави Ју Хаибин, висок службеник на кинеската Национална комисија за контрола на наркотици.

Тоа е прв ваков случај на соработка меѓу двете земји.

Како што додаде Ју, две лица се осудени на доживотен затвор, додека едно на одложена смртна казна, што во пракса се сведува на доживотен затвор.

Известувањето за успешно спроведената акција за разбивање на шверцерската група доаѓа во момент кога се очекува потпишување на привремениот трговски договор.

Фентанил е исклучително зависнички синтетички опиоид, 50 пати помоќен од хероинот. Релативно е евтин и често се користи за производство на фалсификувани наркотици – дилерите го мешаат со хероин или дури и целосно го заменуваат хероинот со него без да ги информираат корисниците, што доведува до предозирање. Тоа предизвика епидемија на предозирање во САД.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во САД во 2017 година имало повеќе од 28.000 смртни случаи од предозирање со синтетички опиоиди, најмногу поврзани со супстанции поврзани со фентанил.