Ким Кардашијан сведочи за вооружениот грабеж во Париз

Париз – Американската модна и ТВ-ѕвезда Ким Кардашијан денеска сведочи пред Судот во Париз за нападот врз неа во 2016 година и кражбата на накит вреден милиони долари, од страна на неколку мажи кои се претставувале како полицајци.
Кардашијан, која пред девет години присуствувала на модни ревии во француската престолнина, била нападната ноќта меѓу 2. и 3 октомври – во ексклузивен хотел. Пред зградата се појавиле петмина разбојници маскирани како полицајци. Од нив, двајца го совладале чуварот и упаднале во собата на Кардашијан со пиштол. Кардашијан била физички неповредена.
Откако ја врзале со леплива лента, напаѓачите ѝ украле накит вреден околу девет милиони евра. Откако напаѓачите си заминале, таа некако се ослободила и го вклучила алармот за тревога.
Претставници на Судот изјавија пред сведочењето дека очекуваат толпа медиуми да се соберат за пристигнувањето на 44-годишната славна личност во Палатата на правдата.
Од крајот на април, во Париз, на девет мажи и една жена им се суди за нападот. Судењето треба да трае до 23 мај. Обвинетите, чија просечна возраст е околу 60 години, францускиот печат ги опиша како „бандата на дедо“. Се вели дека добиле подробности за престојот на Кардашијан од страна на обвинетиот брат на возачот на американската ѕвезда во градот.
Според истрага, украдените вредни работи најверојатно се веднаш продадени, за готовина во Антверпен, Белгија.
Инаку, Ким Кардашијан се прослави преку реалното шоу „Семејството Кардашијан“ (Keeping Up with the Kardashians) и оттогаш изгради глобален бренд којшто опфаќа мода, убавина и социјални мрежи.