Киев: Радев не предлага мир, туку да клекнеме на колена


Бугарскиот претседател Румен Радев предложи Украина „да клекне на колена“ и да продолжи да дозволува „да ги убиваат нашите деца“.

Ова го изјави советникот во кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак, во врска со изјавите на шефот на бугарската држава за време на неговото учество на состанокот на лидерите на ЕУ минатата недела.

Во четвртокот Радев ја повика владата да не дозволува воена помош за Украина во иднина и рече дека „треба да се обноват сите дипломатски напори за да бараме мирно решение на конфликтот“. Москва веќе неколку пати најави дека е подготвена за мировни преговори само доколку Украина се откаже од своите територии.

„Видете, тој ѝ нуди на Украина да клекне на колена и да ја прифати одлуката дека Украина повеќе нема да ја има. Посакувам овој човек да каже така, на тоа да го стави акцентот за да им биде јасно на сите што предлага. Тој не предлага мир… Тој не го предлага главното – Русија да ја напушти нашата територија. Тој ни наложува да клекнеме на колена и да продолжиме да дозволуваме да ги убиваат нашите деца. Тоа е невозможно“, рече Подољак во интервју за БТВ.

Според него, и покрај ставот на бугарскиот претседател, Украина срдечно се однесува кон Бугарија и нејзиното општество, кое разбира со што се соочува Киев.

Подољак беше прашан и за информациите што ги објави германскиот дневен весник „Ди Велт“ за тоа како канцеларијата на Кирил Петков тајно обезбедувала воена помош и гориво за Украина во првите денови од војната преку посредници. Тој потврди дека Бугарија пружила помош „во најтешкиот момент од војната“, но рече дека бугарската влада треба само да одлучи кога отворено да зборува за дадената помош.

„Ова засекогаш ќе го пишуваме во нашите срца“, рече тој и додаде дека Бугарија е „прекрасна земја“ и ги повика Бугарите да не стојат покрај Русија, која ќе биде запишана со „црна боја“ во историјата.