Кешишов денеска ја смени писмената изјава, Палевски го натерал да ја напише

Палевски му ја дал изјавата во транспортното комбе и го натерал да ја препише, а тоа го направил затоа што се плашел


Фото: Б. Грданоски

 

Влатко Кешишов, еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска направи нов пресврт во процесот, велејќи дека писмената изјава што ја достави на минатото рочиште била напишана под притисок на главниот осомничен Љупчо Палевски. Во таа изјава напишана рачно стоеше дека Палевски во деновите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панчо Жежовски бил во патријата Десна кадешто спиел, па според тоа не можел да биде убиец. И дека Велибор Манев (уште еден од обвинетите) извршил притисок врз него да го обвини Палевски.

Денеска Кешишов изјави дека речиси ништо од таа изјава што беше поделена на крајот опд минатото рочиште, не било вистинито. Тој рече дека Палчо го натерал да ја напише, да биде со негов ракопис, а тоа го направил затоа што се плашел.

Тој рече дека изјавата му ја дал Палевски додека се возеле во транспортното комбе од затворот до судот. Му рекол да ја препише, да биде со негов ракопис, да ја потпише и да ја предаде преку судската полиција до судот.

На прашање на судијата зошто го послушал, Кешишев одговори од страв. Судот му предочи ако има притисоци да го извести судот.

Во изјавата, која судијата ја подели на минатото рочиште на сите, се тврдеше дека Палевски ниту на 22 ноември ниту на 27 ноември, кога се случија грабнувањата и убиствата не бил со останатите обвинети, туку спиел во штабот на партијата „Десна“. Пишуваше и дека Боре Видевски и Велибор Манев биле заедно на местата на настаните во Велес и Скопје и дека Манев му вршел притисок да изјави дека Палевски е органзатор и извшител на убиствата.

На рочиштето како сведоци беа повикани и припадници на интервентната полиција. Тие рекоа дека обвинетиот Велибор Манев ги однел до местото каде што било закопано телото на убиениот велешанец Панче Жежовски.

Тоа се случило на 3 декември лани. Тогаш биле повикани во полициската станица Кисела Вода каде што добиле задача да пренесат лице до наплатна станица на „Македонија пат“ каде што ќе бидат пречекани од колеги од СВР Велес.

Тој кажа дека лицето што го зеле бил Велибор Манев. Со тим од две возила го однеле до испоставата на „Македонија пат“, каде што Манев бил преземен од велешките полицајци.

„Колегите почнаа да разговараат со Велибор. Потоа се движевме со возила до одредено место, а потоа продолживме пеш по земјен пат каде што Велибор им кажа на полицајците дека тука има закопано човек“, рече едниот од полицајците.

Манев им ја кажувал рутата по која треба да одат и ги довел до некое место што било покриено со гранки. Патоа бил непрооден за возила, имало многу дупки и затоа морале да се движат пеш. Додека го транспортирале, Манев цело време молчел ништо во полициското возило.

Слична беше и изјавата на неговиот колега. Тој кажа дека на местото каде што требало да се копа имало многу дрвја. Потоа го вратиле Манев во полициската станица „Кисела Вода“

Пред почетокот на денешното рочиште изјави дадоа обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска кои рекоа дека пишаната изјава на Влатко Кешишов, во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.