Кејт Винслет во режисерски води – ќе режира драма за Нетфликс


Оскаровката Кејт Винслет за прв пат во кариерата ќе застане зад камерата и ќе ја режира драмата Goodbye June , која ќе се прикажува на Нетфликс, потврди Дедлајн.

Винслет исто така ќе глуми во филмот, а остатокот од актерската екипа ги вклучува Тони Колет, Џони Флин, Андреа Рајзборо, Тимоти Спал и Хелен Мирен.

Филмот Goodbye June  е опишан како современа, измислена драма сместена во Англија. Тоа е трогателна, но хумористична приказна за отуѓена група браќа и сестри кои мора да се соберат поради ненадејни и предизвикувачки околности.

Сè уште не е познат датумот на премиерата на Goodbye June, но Нетфликс потврди дека снимањето ќе започне наскоро.

Последниот филм во кој ја видовме Винслет беше воената биографска драма Ли, која премиерно беше прикажана на филмскиот фестивал во Торонто во 2023 година. Актерката во филмот ја играше поранешната манекенка Елизабет Ли Милер која стана воен фотограф за време на Втората светска војна.