Кавга во МПЦ, за владиката Петар свештенството во Бигорски е „парацрковна структура“
Владиката Петар предизвика жестока реакција од Братството на Бигорскиот манастир откако во своето синоќешно гостување на ТВ Сонце ги нарече парацрквена структура предводена од епископот Партениј.
Тие во текст на веб страницата на манастирот под наслов Апел , изјавите и ставовите на Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар ги окаракатеризираа како клевети, неосновани тврдења и злонамерни инсинуации.
„Тој владика јавно злословеше дека Бигорскиот Манастир бил некаква си „парацрква“, притоа земајќи си слобода да критикува епископ и манастир што не се во негова надлежност – нешто што не е во согласност со црковните канони. Се разбира, оваа сериозна клевета нема ни трошка вистина во себе и вие тоа најдобро го знаете, бидејќи ние како монашка заедница сме нераскинлив дел од нашата најсвета Црква, на којашто доброволно сме ѝ ги посветиле своите животи во жртва и послушание“, се вели во реакцијата.
Понатаму, порачуваат од Братството на Бигорскиот манастир,владиката Петар инсинуира дека ние сме небаре предавници и кривоверци, бидејќи, според неговите зборови, имало „проблем со парацрковната структура на Бигорскиот Манастир, кои и по националноста знаеме кај тргаат, и по нивната духовна ориентација и така натаму“. Во врска со ‘нашата духовна ориентација’, ќе ги потсетиме загрижените дека ние сме православна монашка заедница, која верува и ги исповеда догмите на едната, света, соборна и апостолска Црква, учењето на Светите Отци на Православната Црква и одлуките на Вселенските Собори. А во однос, пак, на нашата националност – иако и ова прашање влегува во делот од интимата на секоја личност – ние, сепак, за да нема дополнителни недоразбирања, јавно објавивме дека своето граѓанско право на изминатиот попис го исползувавме, за да ја декларираме својата македонска национална припадност“, се нагласува во реакцијата.
Според правните дефиниции, додаваат од Братството, ваквиот настап на Митрополитот се толкува како говор на омраза и како поттик и повик за јавен линч – нешто што не му приличи на еден духовен водач и подлежи на кривична одговорност. „Згора на сѐ, сметаме и дека ваквите повеќекратно изнесени невистини во јавниот дискурс, придонесуваат за создавање на неединство, конструираат дух на осуда – што не е прифатливо и е спротивно на православниот етос и значат неоснована деградација и дискриминација на нашите манастири пред јавноста, но се и повод за поделба и раскол меѓу верниците во Црквата“, додаваат од Братството.
„Ние го решаваме проблемот со ПОА, а сега имаме поголем проблем со парацрковната структура на Бигорскиот манастир, кој и по националноста знаеме каде тргаат, и по нивната духовна ориентација“, рече владиката Петар во гостување на ТВ Сонце.
„Имаме парацрквена структура во Бигорскиот манастир на чело со епископот Партениј, кој презема ингеренции при мои како претседател на одборот за соработка со црквите православни и секако дека тоа прашање мора час поскоро да го поставиме на дневен ред на Синодот и да го решиме“, рече г. Петар.
Тој додаде дека нема да дозволат да има парацрквена организација во лицето на епископот Партениј.
„Ние нема да дозволиме да имаме парацрквена организација во лицето на епископот Партениј заедно со структурите негови во Бигорски и заедно со монахињите таму кои мешетарат во мојата епархија. Јавно кажувам и им порачувам да се тргнат од мојата епархија и повеќе да не ми прават таму проблеми зашто сериозна е ситуацијата. А, за другите епархии нека си водат сметка надлежните архиереи. Ова е веќе сериозен проблем на нашата црква. Ние го решаваме проблемот со ПОА, а сега имаме поголем проблем со парацрковната структура на Бигорскиот манастир, кој и по националноста знаеме каде тргаат, и по нивната духовна ориентација“, додаде г. Петар.