Кавадарци општина за пример, за другите градоначалници заштитата и спасувањето се на последно место
Општините имаат пари за обнова на опремата на пожарникарите, а имаат и камиони за гасење шумски пожар набавени од Владата и доделени на повеќе општини, кои не се одржуваат и не можат да помогнат во ситуација кога на нивна територија има пожар, обзнани денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути.
– Има одредени општини коишто воопшто градоначалниците не ни сакаат да помогнат и заштитата и спасувањето, го сметаат како нешто последно. Тоа е нешто што е загрижувачки и спротивно на Законот. И цело време мислат, аха, некој од Владата горе или некои од другите институции ќе им ги решава своите првични давачки. Ние имаме општини кадешто се купени камиони за шумски пожар, коишто се посебни, кои со многу мала километража истите стојат паркирани оти имаат дефекти. Камионите да бидат во употребна состојба не им е задача ниту на директорот на ДЗС ниту на директорот на ЦУК. Тоа е задача пред сѐ, на градоначалниците. Затоа што со исправен таков камион којшто го доделила Владата пред извесно време во 2013 година, којшто се набавени многу скапо, да има таков однос од одредени градоначалници и од 10 такви камиони само три се исправни. Поголем број општини се со неисправни камиони, како Кичево, Куманово – вели Максути.
Тој ја посочи општина Кавадарци како општина за пример.
– Навистина јас би сакал да упатам апел до сите градончалници да земат пример. Секој ако си ја завршува својата надлежност, според законите, ние би имале многу помалку пожари, многу помалку последици и ние би потрошиле многу помалку ресурси – вели Максути.
Вели дека имаат инспекциски извештаи за сите општини со што распоралагаат, во каква состојба се, дали бројот на пожарникари, дали возилата, дали се чека само на ДЗР што треба да додели или се чека донација.
– По две евра од секоја регистрација на возила одат во општинскиот буџет за заштита и спасување. Ја давам пример мојата општина од кадешто доаѓам – Тетово. Регистрирани 48.000 возила, тоа се 96.000 евра годишно. Еден градоначалник за четиригодишен мандат би можел да набави, можеби не камион, но 2-4 помали моторни возила и опрема да ги одржуваат пожарникарите спремни. Ниедна општина во државата не ги троши наменски за таа работа и никој за оваа работа не одговара – вели Максути.