Кавадарци доби регионален стационар за згрижување бездомни миленици
Центар за згрижување бездомни миленици денеска официјално беше отворен во населбата Глишиќ во Кавадарци. Во него треба да се собираат сите бездомни животни од целиот Вардарски регион.
На тој начин ќе треба да се обезбеди хуман третман на животните, но и јавна безбедност. Проектот е поддржан од Министерството за локална самоуправа, Швајцарската амбасада и Општина Кавадарци.
На отворањето на Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство- ШЕПА во населба Глишиќ, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
Заедничко јавно претпријатие Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство СТАЦИОНАР – ШЕПА Кавадарци, е организација која работи со цел да обезбеди квалитетна ветеринарна грижа, стерилизација, вакцинација, чипирање и постојан дом за секое животно кое ќе дојде кај нас, стои на нивната веб-страница.