Катните гаражи на Клинички центар ќе се градат со јавно-приватно партнерство
Отворање на Онколошко одделение во Градската општа болница „8 Септември“, катни гаражи во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ и реновирање на просториите на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар, со поддршка на Амбасадата на Република Бугарија и Општина Ѓорче Петров, се дел од проектите на кои работи Министерството за здравство, а кои денеска ги посочи министерот за Арбен Таравари на прес-конференцијата по повод 100 дена од назначувањето на функцијата.
Тој информираше дека во тек е подготовката на техничката спецификација за изградба на катните гаражи и дека ќе се градат преку јавно-приватно партнерство.
– Ги поминавме сите процедури на Влада, проектот го наследивме. Сега ќе се објави и јавно-приватно партенерство за да се изградат најмалку две катни гаражи, односно дополнителни 800 до 900 паркинг-места. Моментално, на Клинички центар има 800 паркинг места, вака би имало над 1.600 места за паркирање, што мислам дека ќе биде многу порелаксирано за сите кои работат и кои доаѓаат како пациенти во Клиничкиот центар. Процедурите не можеме да ги забрзаме. Мораме да се придржуваме на сите законски норми. Ќе се обидеме целиот процес да биде што потранспарентен и што побргу да ја завршиме постапката. Барем, ако можеме, од почеток на идната година да се користат катните гаражи, истакна Таравари.
Тој се осврна на дел од реализираните проекти и инвестиции во изминатите 100 дена споменувајќи го проширувањето на Позитивната листа со нови лекови, вработувањето на специјализантите што ќе оди во две етапи….
– Наша заложба е младиот здравствен кадар активно да се вклучи во јавното здравство. Во соработка со медицинските факултети, работиме на законско решение за стимулирање на најдобрите студенти по медицина, веднаш по дипломирањето да бидат вработени во јавното здравство, посочи Таравари.
Тој кажа дека со хрватското Министерство за здравство бил потпишан план за соработка во повеќе сегменти, а спомена и дека се обезбедени 10 милиони евра за прочистување на воздухот во сите јавни здравствени установи, во соработка со регионалната канцеларија на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).
– Реализиравме и повеќе клучни инвестиции во нова медицинска опрема и инфраструктура во јавните здравствени установи низ државата. На Универзитетската клиника за дигестивна хирургија е инсталирана нова опрема во хируршките сали во вредност од еден милион евра. Нова инвестиција во опрема, во вредност од 18 милиони денари е реализирана во Клиничката болница во Битола. На Клиниката за очни болести е инсталиран најсовремен хируршки микроскоп. Во Клиничката болница – Штип обезбедена е современа опрема за уролошки процедури, во вредност од 12 милиони денари, додаде министерот.
Посочи дека комплетно е реновиран и кабинетот за аудиометрија во Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација во Скопје, реновирани се простории на Институтот за радиологија, а на Клиниката за детски болести комплетно е реновирана невролошката амбуланта. Во Клиничката болница во Тетово, како што рече, решен е долгогодишен проблем со пуштањето во употреба нови пет лифта и санирање на кровната конструкција.
– Жителите на општина Илинден по половина век добиваат здравствен дом – ивестиција вредна 16 милиони денари. Во поликлиника „Идадија“ во Скопје е обезбеден нов апарат за магнетна резонанца. Отворивме и посебна телефонска линија – 072-899-001, за предлози и идеи, пријава на неправилности и отворен ден за средба со граѓаните. Ја спроведовме постапката за обезбедување нова компресорска станица за хируршките клиники. Работиме и на регионализација, односно рационализација на здравствениот сектор, со цел граѓаните да добијат што повеќе здравствени услуги во клиничките болници – Тетово, Штип, Битола, како и во општите и специјални болници во внатрешноста, додаде Таравари.