Катица не е OK


ГОРАН АДАМОВСКИ

Информацијата на Јавното обвинителство дека од најмалку еден милион евра, колку што според истрагата му зеле Бојан Јовановски и Зоран Милески на Орце Камчев, помалку од 4.500 евра завршиле во мебелот на Катица Јанева, поради што е побаран притвор за неа, е шокантна исто колку и веста за приведувањето на досегашната шефица на Специјалното јавно обвинителство. Без оглед што и тие пари не се потценување и се многу повеќе отколку што просечниот Македонец би видел во животот, сепак, ваквиот расплет на истрагата изгледа како потценување на интелигенцијата на граѓаните. Или, ако е така, тогаш нивото на интелигенцијата на Јанева не соодветствува со улогата што ѝ беше дадена – прв човек на институцијата што требаше да се справи со криминалот на поранешната власт.

Зарем е можно дека некој на ваква позиција ќе си го ризикува животот и кариерата за толку ситни пари, практично колку што изнесуваше месечната плата на Јанева? Кој тоа би дозволил партнерот да зема милиони, а ти да земеш неколку илјади евра?

Не, тоа значи дека или на Јанева ѝ натураат нешто колку да се каже дека е виновна, па да одговара колку да биде задоволен гневот на јавноста, или ја штитат од голем криминал за потоа да ѝ одмерат помала казна, колку да се каже дека го отслужила своето. Веројатно, има и од третото, дека нема интелектуален капацитет да менаџира со толку важно обвинителство.

Всушност, нејзините настапи уште од почетокот не оддаваа впечаток на личност поткована со знаење, самодоверба и подготвеност да се справи со исклучителната комплицираната улога што ѝ беше доделена. За волја на вистината, со тешкотии при давањето изјави, дури и при читање на напишаното, таа и нејзиниот тим успеваа да се справат со сопките што им ги правеше владата на Никола Груевски. Изненадувачки, пукна целосно откако ѝ се отвори патот со смената на власта.

Моќта и влијанието што ги доби преку ноќ, како анонимен обвинител од Гевгелија, беа преголем товар за неа, па лесно влезе во сплетки и шеми што се поблиски до оние што ги гонеше. Или требаше да ги гони.

Впрочем, таа никогаш не излезе од тој филм. Во вторникот, кога беше повикана да сведочи во Основното обвинителство, ги порача службениот возач и автомобил да ја донесат и однесат. Сакаше да каже дека и натаму е недопирлива.

Да не зборуваме што со себе го донесе адвокатот на еден од обвинетите во случајот што ја доведе до ова дереџе. Жалосно е што до последен миг не ги читаше знаците крај патот. А, тие стрчеа со големи букви.

За Катица Јанева тешко дека некој ќе пролее солза. Ни во редовите на власта, па ни кај нејзините најблиски соработнички, кои веќе јавно презентираа дека не стојат зад неа. Ни со неа.

Жално е што поради нејзината можна лакомост во бездна падна и останатиот тим на Специјалното обвинителство. Сега сериозно се разнишани преговорите за новиот закон за обвинителство. Поточно, тие ќе продолжат, мора да продолжат, но под значително поинакви услови.

И, уште поважно, каде е сега правдата да му заѕвони на врата на главниот осомничен и обвинет во случајот, кој сега излезе жртва на наивноста и алчноста на типови како Боки 13 и Катица Јанева?

Нели е крајно иронично обвинителот, кој поради мебел му го врати пасошот на обвинетиот за да може да шета по светот, да биде пред портите на Шутка, а тој да се сонча на море во Хрватска?