Катица Јанева ги сплоти обвинителите – заедно подалеку од неа


Фото: Б. Грданоски

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера не дојде во институцијата која сè уште формално ја раководи. Обвинителите одржаа колегиум без неа, изненадени и вознемирени од вестите за нивната шефица кои ги бомбардираа. Една од нејзините заменички, Ленче Ристоска, вчера воопшто не ѝ се јавила и немала контакт со својата шефица, а за нејзината оставка дознале речиси во исто време кога информацијата беше објавена на веб-страницата на институцијата.

По истрагата што ја отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во која се испитува вмешаност на Јанева, поделените обвинители се сплотија во еден табор и се оградија од неа. Ристоска во својата изјава за медиумите ниту еднаш не го спомена името на Јанева и потенцираше дека дава изјава во нејзино лично име, во име на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство, истражителскиот тим и целокупната стручна служба на институцијата.

Ристоска во својата изјава индиректно порача дека СЈО не е само Катица Јанева, туку СЈО е институција во која работат и обвинители и истражители со висок професионален интегритет. Обвинителите застанаа на истата линија со републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и ги поздравија напорите на редовното обвинителство да го испита секое лице кое е вмешано во криминал.

„Сакам да ве уверувам сите, дека наш интерес е зачувување на интегритетот на јавното обвинителство и дека секогаш како обвинителство и истражителски тим и како вработени сме постапувале согласно законските прописи и секогаш сме се труделе да бидеме на ниво на задачата, со тоа што ќе дадеме одговор на сите прашања кои значат справување со криминалитетот што ни е задача да го истражуваме. Сакам да потенцирам дека ние стоиме зад работата што сме ја завршиле досега, ве уверувам дека сите постапки што досега биле отворени и за кои имаме обвинителни акти и судења не се доведени во прашање од причина што и јас и моите колеги можеме да потврдиме дека нашето постапување во нив било во рамките на законските прописи. Сакам да ве информирам дека внимателно ги следиме случувањата и изразуваме голема загриженост, меѓутоа апелираме да се почитува начелото на пресумпција на невиност. Сакам да потенцирам дека се придружуваме на повикот на јавниот обвинител дека секое лице кое е засегнато од криминалитет со вакви активности да ги пријави и ги поздравуваме напорите на надлежните органи“, рече Ристоска.

Обвинителката потенцираше дека сите можни сомненија кои инволвираат поединци или на некој начин го инволвираат СЈО, не смеат да го доведат во прашање интегритетот на нивните постапки. Единствена истрага за која новинарите ги интересираше е истрагата за „Империја“, односно дали Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи да го гони сведокот на другото обвинителство, кој наводно е познатиот бизнисмен Орце Камчев.

Истрагата која завчера ја отвори редовното обвинителство против сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, ја отвори и Пандорината кутија за случајот „Империја“. Обвинителството го осомничи Боки 13 дека зел 1,5 милион евра рекет од Камчев и му ветил дека ќе влијае врз специјалната обвинителка Катица Јанева за да ја запре истрагата против него. Завчера полицијата ѝ го одзеде мобилниот телефон на Јанева. На мета на јавноста се најде и обвинителката која го води овој случај, Лиле Стефанова, која, пак, тврди дека има доволно докази во предметот кој требаше да го докаже криминалот на минатата власт.

„Истрагата ќе треба да продолжи, таму си има основано сомневање, доволно докази, и повеќе од доволно докази, независно кое обвинителство ја води постапката“, ни изјави Стефанова.

Иако беше предвидено на сите прашања да одговара Ристоска, која тврдеше дека за тоа дали ќе се гони сведокот зависи од доказите што ќе ги соберат и дали ќе се потврди дека има сомневање за да се покрене обвинителен акт за овој случај, на барање на јавноста истапи и Стефанова. И таа се огради од одлуките на својата шефица и јасно порача дека таа не била информирана за одлуката на Јанева од која беше шокирана целата јавност, за Камчев пред Нова година да побара замена на мерката притвор со куќен притвор.

„Согласно законот за Специјалното јавно обвинителство, сите одлуки, секој спис што ќе излезе од ова обвинителство, единствено го потпишува Катица Јанева. Јас немам потпишано ниту една одлука што излегла од ова обвинителство. Ниту оваа ниту одлуката за враќање на патните исправи на Цветан Панделески и другите. Сите одлуки ги потпишува и ги носи Јанева“, изјави Стефанова. Таа не стравува дека ќе биде дел од некаква истрага, а за Јанева не сакаше да коментира.

Поранешниот советник во СЈО, адвокатот Александар Тортевски, смета дека со последните случувања СЈО го изгубило кредибилитетот да постапува со „Империја“ и овој случај треба да го преземе редовното обвинителство.

„СЈО треба да се изземе од тој предмет, но и од другите предмети и сите да ги преземе редовното Обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција. Мојата идеја е сега сите јавни обвинители да преминат во организиран криминал и да ги продолжат предметите што ги водат, така ќе има и континуитет и ќе биде запазена формата“, вели Тортевски.

Сепак, она што најмногу го кочи овој предмет е правното мислење на Врховниот суд, кој го прогласи СЈО за ненадлежно да води предмети што беа отворени по спорниот рок, а овој случај беше отворен во ноември минатата година, односно по 30 јуни 2017 година.

Веста за оставката на специјалната јавна обвинителка дојде во исто време со веста дека е уапсен Јовановски. За Тортевски оставката на Јанева не е случајна.

„Кога си јавен функционер, особено на такво суптилно место, треба да водиш сметка и со кого седнуваш и со кого пиеш кафе. Ако чувствувала морална одговорност поради тоа што дозволувала да се слика, да се дружи со тие луѓе, да го вработи синот таму и ако била злоупотребена, оставката е доволна. Меѓутоа, ако преземала дејствија под влијание на осомничените да добијат некаков повластен третман или специјален третман, тогаш веќе тоа навлегува во домен на кривична одговорност и тоа треба сериозно да се испита“ вели Тортевски.

Засега Јавното обвинителството не ја гони кривично Јанева бидејќи засега нема докази против неа. Сега кога СЈО е обезглавено, Јанева ја заменуваат, нејзините заменички, Ристоска и обвинителката Елизабета Јосифовска.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски