Катица е веќе осудена


ГОРАН АДАМОВСКИ

Просто невозможно е секојдневно да се следат вестите и информациите со Катица Јанева. Те била на летување во Грција, те на фризер, те го форматирала телефонот, те го изгубила, те требало да ја апсат, те боледувањето ѝ го напишала пријателка, те ова, те она…

Шефицата на Специјалното јавно обвинителство е под секојдневна истрага од  новинарите и  медиумите, но очигледно не толку и од  Јавното обвинителство. Речиси еден месец по скандалот околу рекетот, првиот човек на СЈО засега успешно „плива“ во истрагата во која, барем како што ни тврдат, не нашле ништо компромитирачко за неа. Барем не криминално, оти угледот веќе наголемо ѝ е нарушен.

И тука можеби лежи целата вистина за случајот за кој одамна сите знаеја сè, а никој ништо не презема. Катица Јанева, а со неа и целото Специјално обвинителство, е фрлена во амбис, ги разочара сите што веруваа во неа и во него и сега никој нема да жали што нема да постои, а од друга страна, никој нема да одговара за неуспехот или за соработката со Боки 13. Во земја каде што теоријата на заговор е поуспешна од репрезентацијата во фудбал, не е тешко да се смисли уште една. Или да се препознае.

Специјалното обвинителство, кое беше формирано затоа што редовното не успеваше да му се спротивстави на Никола Груевски, уште од старт беше етикетирано како дополнителна алатка за рушење на неговиот систем на владеење. Тоа, сепак, не беше пречка граѓаните да го доживеат како ѕвезда водилка во враќањето на правната држава. Ако некогаш и функционирала во изминатите три децении.

Ако во почетните месеци беше опструирана од пипалата на Груевски, во последните години го доби потребниот ветер во грб да работи како што треба.

Но, очигледно, со смената на власта, СЈО ја заврши својата улога. Обвинителите во него никогаш не добија зелено светло да одат до крај, веројатно од партиите штитејќи се меѓусебно. Оти денес си горе, а утре си долу. Треба да водиш сметка што ќе биде за четири години.

Обвиненија за „смешни“ случаи во однос на сите сериозни работи што ги слушавме во прислушуваните разговори можеби беа само дел од целата игра што резултираше со азил за Груевски. Дали немаше докази, дали не може да се најдат, дали имаа опструкции од горе… којзнае, можеби ќе дознаеме некогаш. Или нема.

Катица Јанева беше посебна приказна. Непозната обвинителка од Гевгелија се појави од никаде и тоа како „задоволувачко“ решение и за ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски. Иако нејзиниот капацитет, веројатно, е помал од оној на Фатиме Фетаи или на Ленче Ристоска, Јанева, сепак, го доби кормилото.

Четири години подоцна, тоа решение изгледа како визија за иднината. „Чарлиевиот ангел“ ставен во позиција на апсолутна моќ се изгуби во гнездото и лесно беше поттурната да испадне од рамнотежа. Таа, всушност, самата се подаде.

Останатото е само дел од сценариото. Обвинителството сега ги остава медиумите да водат истрага, а тие имаат амин и од власта и од опозицијата слободно да удрат по неа. Притоа, црнејќи ѝ ги ликот и делото со доволно атрактивни наслови, но не задирајќи по нејзината слобода.

Преговорите меѓу власта и опозицијата за новиот Закон за обвинителство, односно за иднината на СЈО се при крај. Пораките од надвор се јасни: договор мора да има, СЈО мора да се спаси во каква било форма. Макар и да се стави под редовното обвинителство. И со друг буџет, и со нов шеф.

Овој довчерашниот ќе биде тргнат. И никој нема да пушти ниту една солза за неа. Дури и маичките со трите „ангели“ ќе се фрлат во ѓубре. А во затвор ќе бидат само Сеад Кочан, Миле Јанакиески и Ѓоко Поповски. И Бојан Јовановски и Зоран Милески.

Фер, нели? Или тие што ја играат играта, ќе сфатат дека пионите не се толку наивни.