Катастрофален судар на возови во Грција, најмалку 36 загинати и 66 повредени

Железничката несреќа што се случи кусо пред полноќ во близина на месноста Темпи кај грчкиот град Лариса


 

Најмалку 36 лица го загубија животот, а 66 се повредени во железничката несреќа што се случи кусо пред полноќ во близина на месноста Темпи кај грчкиот град Лариса, кога од засега непознати причини се судрија товарен и патнички воз.

Спасувачките екипи цела ноќ беа на терен, нивната акција продолжува и утрово, а според официјалните информации од Противпожарната служба на Грција бројот на загинати достигна до 36 лица. 

Причината за несреќата и понатаму е непозната, а како што соопштија од компанијата „Hellenic Train“, возот со околу 350 патници што сообраќал на релација Атина – Солун директно се судрил со товарен воз.

Од директниот судир, вагоните излетале од шините, по што избил и пожар. 

Портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис утрово соопшти дека акцијата е фокусирана на првите два вагони кои што се превртени, а се интервенира со помош на четири специјални кранови.

Паралелно во тек е и процесот на идентификација на жртвите.

Грчки „Катимерини“, во подолг извештај за несреќата пишува дека повеќе вагони излетале од шините, а најмалку три се запалиле по судирот.

Спасувачките екипи го осветлуваа местот на несреќата со рефлектори пред зори во средата додека избезумено пребаруваа преживеани во извртените остатоци вагони обвиткани во чад. Преживеаните изјавија дека неколку патници биле фрлени низ прозорците на вагоните поради ударот.

Тие рекоа дека другите се бореле да се ослободат откако патничкиот воз се превртел, удирајќи во поле до шините во близина на клисурата на околу 380 километри северно од Атина, каде што се наоѓаат главните автопати и железнички тунели.

Несреќата се случи непосредно пред долината Темпи, клисура која ги дели регионите Тесалија и Македонија.

Костас Агорастос, регионалниот гувернер на областа Тесалија, изјави за грчката телевизија Скаи дека двата воза се судриле директно со голема брзина.

„Вагоните еден и два повеќе не постојат, а третиот излета од шините“, рече тој.

Претставници на болницата во блискиот град Лариса рекоа дека најмалку 25 лица од 53-те кои се хоспитализирани се со сериозни повреди.

„Процесот на евакуација е во тек и се изведува под многу тешки услови поради сериозноста на судирот меѓу двата воза“, изјави Василис Вартакојани, портпарол на грчката противпожарна служба, пренесува „Катимерини“.

Спасувачите кои носеа ламби на шлемовите работеа во густ чад, извлекувајќи парчиња извалкан метал од вагоните барајќи заробени луѓе. Други го пребаруваа теренот со батериски ламби и проверуваа под остатоците.

Се верува дека неколку од загинатите се пронајдени во ресторанот во близина на предниот дел на патничкиот воз.

Можната причина за судирот не е веднаш јасна. Двајца железнички службеници беа испрашувани од полицијата, но не беа приведени.

Патниците кои се здобиле со полесни повреди или биле неповредени, со автобуси биле пренесени во Солун, 130 километри на север. Полицијата ги зеде нивните имиња кога пристигнаа, во обид да ги следи сите кои можеби се исчезнати.

Еден преживеан тинејџер, кој не го кажа своето име, им кажа на грчките новинари додека се симнуваше од еден од автобусите дека непосредно пред несреќата почувствувал силно сопирање и видел искри, а потоа ненадејно застанало.

„Нашиот вагон не излета од шините, но оние од предниот дел излетаа и беа смачкани“, рече тој, видно потресен.

Тој додаде дека првиот вагон се запалил и дека со торба го скршил прозорецот на неговиот вагон, четвртиот и избегал.

Железничкиот оператор Hellenic Train соопшти дека во патничкиот воз од Атина до Солун, вториот по големина град во Грција, имало околу 350 патници. Според новински извештаи најголем дел од патниците биле млади и студенти кои се враќале во Солун по продолжениот тридневен празник.

Во коментарите за државната телевизија, Костас Агорастос, регионалниот гувернер на областа Тесалија, го опиша судирот како „многу силен“ и рече дека тоа било „ужасна ноќ“.

„Предниот дел од возот беше смачкан… Добиваме кранови да влезат и специјална опрема за подигање ги расчистува остатоците и ги креваа вагоните. Има остатоци фрлени насекаде околу местото на несреќата“.

Официјални лица рекоа дека армијата била контактирана за помош. Hellenic Train е управуван од италијанската FS Group, која води железнички услуги во неколку европски земји, пишува „Катимерини“.