Касами за скандалот со Курти: Треба да не пофалат, а не да не казнуваат!

Лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами ги нарече неразумни прекршочните пријави за него поради пречекот на косовскиот премиер. Според него, иконографија како таа на концертот имало и порано, но никој не бил казнет.
– Откако ми пратија покана да се пријавам во полиција, десетици пријатели и активисти ми испратија десетина видеа со иста иконографија и никому не му паднало на памет да повика некого и да казни. Се надевам дека вакви случаи нема да се повторат затоа што ваква иконографија не се гледа прв пат. Цениме дека се неразумни сите повици за линчување и казнување на организаторите на тој настан.
Според него посетата на косовскиот премиер Албин Курти е позитивна и ги раздвижи работите, па затоа од ДУИ инсистирале за денешната средба на Али Ахмети со косовски министер со кого било разговарано за изградба на патот Тетово – Призрен.
– Затоа треба да не пофалат, а не бараат да бидеме казнети. Поинаку нема да го коментирам. Ако посетата на премиерот на Косово во Тетово и во Вејце беше погрешна, тогаш не знам зошто требаше Али Ахмети да го повика министерот за транспорт на Косово за да разговараат за реализација на истиот проект. Посетата даде резултати, ние сме среќни дека ги даде тие резултати и ние ги охрабруваме властите во Северна Македонија за овој проект. Затоа што овој проект е повеќе во интерес на граѓаните на Северна Македонија отколку на граѓаните на Косово бидејќи ќе добијат многу пократок пат до море. Знаеме дека морето е богатство и ние мораме да најдеме што пократки патишта да дојдеме до море за економски и општествен развој, порача Биљал Касами.
Тој исто така побара одговорност од Обвинителството за судскиот процес за пожарот во модуларната болница каде 14 луѓе ги загубија животите. Според него, системот на три пати ги убива тие 14 лица.
– Изгубените животи во модуларната болница во Тетово и членовите на нивните семејства трипати беа убиени од неправдите и скандалозните одлуки на овој систем, кој сам никогаш не донесе правда. Првиот пат беа убиени затоа што ги криеја вистинските виновници за овој случај. Вториот пат беа убиени затоа што политичката и корумпирана правда и ги казнуваше оние кои би можеле да бидат најмалку одговорни во овој случај. Третиот пат ги убивте кога Министерството за здравство на чело со Фатмир Меџити и предложи на Владата да ги исплатат преостанатите финансиски средства на главниот виновник компанијата, БРАКО, која наместо да биде казнета, беше наградена со народни пари, рече Касами на партиската прес-конференција.
Касами побара одговорност од обвинителите, затоа што, според него, никогаш во судската постапка не биле земени предвид наодите од истрагите од извештајот на форензичкиот тим на германски експерти и наодите на електроинженерот од овој случај.