Касами убеден дека „Вреди“ ќе настапи заеднички на изборите


Билал Касами (Фото: Б. Грданоски)

 

Лидерот на Беса, Биљал Касами, очекува дека на изборите „Вреди“ ќе настапи заеднички, а тоа треба да се реши вечерва на закажаниот состанок на партиите од коалицијата.

„Јавноста веќе е запознаена дека има неколку опции, но како и да е се надевам дека денеска ќе биде последниот ден, односно последен состанок, каде ќе се дефинираат овие дилеми во рамките на дебатата за локалните избори. Јас сум убеден дека ‘Вреди’ и на локалните избори ќе оди заедно и тоа што го покажавме на парламентарните избори ќе го покажеме и на локалните избори и конечно ќе успеваме да ги добиваме и општините и да ги водиме успешно како што ние сме убедени дека ја водиме политиката во рамките на владината коалиција но исто така и во рамките на општините каде што и досега се води од коалицијата“, изјави денеска Касами.

За изјавите на Касами, лидерот на едното крило на АА, Арбен Таравари изјави дека во психологијата има еден феномен кога „устата побрзо зборува додека мозокот процесуира“.

„Тоа се вика лапсус лингва. Мислам дека господинот Касами немаше намера лошо да помисли дека Алијанса за Албанците е нула. Не ги постави зборовите правилно во реченицата и се надевам дека немал лоши намери и дека не мисли како што кажа туку дека избрза и излезе како што не треба“, додаде Таравари.

„Максимално сме посветени да ги задржиме сите партнери внатре во ‘Вреди’“, рече денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е кадар на Алтернатива, одговарајќи на новинарско прашање што очекува од денешната лидерска средба во рамки на коалицијата.