Касами очекува и покрупни риби од ДУИ на црната листа на САД


Билал Касами (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Бес, Билал Касами, смета дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, треба да се најде на црната листа на САД. Тој во интервју за Еуроњус Албанија коментирајќи ја неодамна објавената црна листа на САД на која се најде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, рече дека тој е само ситна риба и дека на списокот треба да се најде и Ахмети.

Според Касами, струшкиот градоначалник е „малата риба“ и  јавноста ќа биде шокирана кога ќе бидат објавени и другите имиња, како што беше  официјално најавено.

„Во овој процес сметам дека на црна листа треба да биде ставен првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. ДУИ се движи континуирано надолу, зашто функционери на таа партија крадеа за време на дваесетте години на власт“, рече Касами.

Минатата недела Стејт департментот објави дека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е прогласен за персона нон грата за САД поради наводи за значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството.