Касами, Меџити и Гаши се здружија, Беса ја напуштаат два пратеника?

Опозициската соработка на Билал Касами со Изет Меџити и Африм Гаши ја подели Беса. Заменик претседателот на партијата јавно порача дека се оградува од опозицискиот блок. Според информациите на ТВ 24, на ист став со Хоџа е и пратеникот Бастри Бајрами, што би значело дека Kасами во Собранието останува со еден пратеник.
– Од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ со оглед на тоа што главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои не далеку од денес беа актери за одржување на актуелната власт во живот и ја спречија ротацијата во албанскиот политички табор. За детали за политичките убедувања и луѓето кои го делат истото политичко мислење со мене, ќе ве известиме преку прес конференција во текот на оваа недела – напиша Хоџа на фејсбук.
Претходно Изет Меџити, кој излезе од ДУИ и се раздели со дел од „огнените“, имаше средба со поранешните сопартијци, а сега лидери на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Тие разговарале за принципите на нивната идна соработка со која треба да ја обединат албанската опозиција во земјава. Тој најави дека ќе формира ново политичко движење за кое допрва треба да се одлучи кое име ќе го носи, а официјалното формирање ќе биде на 13 звгуст, денот на Рамковниот договор. Тие велат дека нема да ја блокираат македонската европска иднина, но очекуваат нивните барања за формулацијата 20% за албанскиот јазик да се најде во уставните амандмани.