Карпош се вклучи во проектот за промовирање на родово-одговорни политики и буџети


Општина Карпош се вклучи во проектот „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, информираат од Општината.

Вклучувањето во проектот, како што стои во соопштението, значи подготовка како да се вклучат родовите перспективи во креирање на општинските политики, првенствено преку преструктуирање на приходите и расходите во општинскиот буџет со цел да се дојде до родовата рамноправност. Или практично, како при креирање на годишните програми за работа на сите сектори и одделенија во Општината и долгорочните стратегии да бидат вклучени жените и мажите соодветно на потребите, односно општинската каса да стане родово сензитивна.

Како чекори преку кои може да се надмине постоечкиот јаз во процесот на одлучување, женската неплатена работа и помалата присутност на пазарот на трудот и нивна потполна интеграција во општеството, од општината ги истакнаа мапирањето на специфичните потреби на жените, утврдување на приоритетите, отстранувањето на сите видови дискриминација и еднаков пристап до услугите кои преку алатката родов одговорен буџет, како што велат, може да се надминат и унапредат.

Општина Карпош го увидува ова по тридневната обука на која три претставнички од оваа локалнасамоуправа, заедно со 20-тина други од 10 општини во државата, во Охрид, се обучувале за вклучување на родовите перспективи во политиките на локалните власти, согласно Глобалните цели на ОН 2015-2030, Истанбулската конвенција, правните акти на ЕУ и другите меѓунаордно усвоени документи за родовите прашања.

Како што информираат, обуката ја спровеле експерти-ментори од UN WOMEN-тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените кои долгорочно го следат и ќе го унапредуваат овој процес во соработка со локалните самоуправи. Проектот е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида.