Сашко Кедев одликуван со Орденот „8 Септември“ за придонесот во кардиологијата и алпинизмот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8.000 метри.
На доделувањето на орденот вечерва во Македонската филхармонија, Сиљановска порача дека академик Сашко Кедев е човек чијшто персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрирааат во колективната меморија на државата и општеството.
„Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста. Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква“, рече Сиљановска-Давкова.
„Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите“, нагласи Сиљановска-Давкова.
„Ако во медицината, д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот. И тоа, не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел: умен, искусен, но сѐ уште детски љубопитен; храбар, но внимателен; желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и … разбран и придружуван“, дополни претседателката.
На доделувањето на Орденот, вечерва во Македонската филхармонија, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, градоначалници, академици и голем број личности од општествениот живот.