„Караван за здрави заби“ во градинките низ Центар
Денеска во матичниот објект на ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“ започна проектот „Караван за здрави заби“ за оралното здравје и хигиената кај децата што се реализира во соработка со Стоматолошкиот факултет и Катедрата за превентивна и детска стоматологија во Скопје.
На настанот присуствуваа проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска Пендаровска, претставници од Општината и од градинката, специјализанти и доктори од Стоматолошкиот факултет.
„Во април Општина Центар потпиша Меморандум за соработка со Стоматолошкиот факултет при УКИМ за реализација на активности чија цел е да се зголеми оралната хигиена кај децата уште од најрана возраст и преку разни едукативни презентации и материјали да се едуцираат за правилното четкање заби, како важен аспект за оралното здравје. Верувам дека овој проект успешно ќе се реализира и ќе добие поддршка од родителите, а ќе претставува и позитивен пример за другите општини. Ние како локална самоуправа ќе го имплементираме и во основните училишта во Општина Центар во новата учебна година“, истакна градоначалникот Саша Богдановиќ.
Проектот има цел да ја подигне свеста за оралната хигиена и здравјето кај децата уште од најрана возраст и да креира нови модели за здрав начин на исхрана во детските градинки што е неопходно за правилен раст и развој кај децата. За време на денешниот настан стручниот тим од доктори ги презентираа придобивките од секојдневното четкање заби, а децата добија информативни брошури со едукативни содржини и подарок четка и паста за заби од општествено одговорната компанија Curaprox Macedonia, партнер на проектот.
Во проектот ќе бидат опфатени деца од двегодишна до шестгодишна возраст од трите детски градинки и од клоновите во Општина Центар, а целиот проект ќе се реализира во текот на летниот период.