Каратист со црн појас ќе ги омекнува односите на Бугарија со Македонија
Димитар Гардев од партијата Има таков народ порано изјави дека Бугарија ги сака истите односи со Македонија што ги имаат сите поделени балкански народи со своите братски народи – исто како Грција и Кипар, Србија и нејзините сродни републики, Албанија со Косово, Романија со Молдавија
Има таков народ Претседателот на собраниската комисија за надворешни работи – Димитар Гардев одамна е познато лице во Бугарија за тие што се интересираат за меѓународна политика. Вчера неговото име беше објавено од медиумите како иден министер за надворешни работи од партијата Има таков народ на Слави Трифонов, која важи за националистичка, иако се промовира како анти-естаблишмент.
Со години Гардев беше канет како коментатор во бугарските медиуми, а на редовна основа пишуваше колумни и во „Труд“. Весникот, кога стана пратеник, му објави биографија во која го опиша во суперлативи, преставувајќи го пред сѐ како непристрасен професионалец. Според нив, сѐ што напишал за настаните на Балканот и што уште не, е потврдено од времето.
„Дипломатот се учи на доследност, дисциплина и визија за иднината низ спортовите што ги практикува. Гардев има црни појаси во карате и аикидо. Според него, во надворешната политика на една земја важат истите квалитети – доследност, визија за иднината, многу обученост и знаење на луѓето кои тоа го наметнуваат. На бугарската надворешна политика, смета тој, ѝ требаат повеќе напори за да биде константна, да биде добро изградена и со визија за децениите што доаѓаат, да биде консензуална за сите политички партии и лидери“, пишува „Труд“ во написот на Гардев.
Кој е, сепак, тој? Димитар Гардев е роден во 1968 година Сливен, а пораснал во Софија. Има три магистратури зад себе и професионално искуство во дипломатијата, во меѓународните односи и во големите меѓународни организации. Зборува англиски, германски, руски и грчки и е автор на аналитички написи за меѓународните односи, ЕУ, за меѓународната безбедност и односите во регионот на Црното Море, Балканот и Блискиот Исток. Тој важи за исклучително упатен во проблемите на глобалната безбедност и заканите од меѓународниот тероризам, воените, информативните и хибридните закани во меѓународните односи.
Откако стана пратеник Гардев беше именуван за претседател на парламентарната комисија за надворешни работи, а претходно работел како асистент на европарламентарка од Бугарската социјалистичка партија во ЕП која била инволвирана во скандал со платени надомесоци за асистенти со европски пари, а тие всушност не работеле за неа, туку за лидерката на БСП.
Гардев, според објавената биографија, е магистер по меѓународни економски односи, национална безбедност и информациска безбедност. Работел и во Министерството за надворешни работи и служел во амбасадата на Бугарија во Никозија, Кипар. По враќањето од странство работел во компанијата „Виваком“ како менаџер за деловни ризици и како виш внатрешен ревизор. Коавтор е на книгите „Каде оди светот“ и „Каде оди Европа“, како и на Годишната анализа 2019 и 2020 година – „Меѓународната политика и бугарската дипломатија“. Гардев наедно бил регионален претставник на Европската асоцијација за меѓународни односи, при што работел во Европскиот парламент како советник на Комитетот за надворешни работи и на Комитетот за безбедност и одбрана.
Во колумната за „Труд“, насловена „Што сака Бугарија од Република Северна Македонија?“ тој запраша „колку часа Македонија ќе останеше независна во 1992 година, доколку Белград не се плашеше од Софија?“
Според него, Бугарија ги сака истите односи со Македонија што ги имаат сите поделени балкански народи со своите братски народи – исто како Грција и Кипар, Србија и нејзините сродни републики, Албанија со Косово, Романија со Молдавија, а уште подалеку Германија со Австрија. Притоа тој забележува дека кога отишол на Кипар тешко го разбирал тамошниот дијалект, но никој таму не спорел дека јазикот на кој зборуваат е грчки, а во Австрија никогаш не се слушнало дека не се зборува германски. Тој исто така никогаш не слушнал „Кипарците да се откажат од заедничката историја со Грција“, и покрај некои негативни периоди.
„Заедничката историја на Австрија и Германија никој не ја негира ниту во Виена, ниту во Берлин. И таму го имаа Аншлус – ‘Соединување’. Имаа и заеднички лидер – Фирерот. Адолф Хитлер беше Австриец. Тој доби германско државјанство дури по победата на изборите и мораше да се заколне на верност на Рајхстагот. Оваа заедничка историја ги претвори нивните престолнини во лунарен пејзаж во 1945 година“, пишува Гардев во колумната.
„Она што е невозможно да се види, не само од нас во Бугарија, туку и од Европа, се запалените бугарски знамиња во Скопје, сквернавениот споменик на загинатите бугарски туристи во Охридското езеро и глупавите вулгарни описи на бугарската министерка за надворешни работи Захариева и на поранешната на Грција – Дора Бакојани од страна на официјален северномакедонски државен службеник. И ова им го потенцирам на оние функционери на ЕУ кои се чудат зошто сакаме гаранции за добрососедски односи…“, пишува Гардев. Анализирајќи ги потоа настаните од Втората светска војна, тој прашува: „Дали бугарската војска била фашистичка војска кога марширала на Црвениот плоштад?! Убивме 25.000 луѓе на боиштата на истите тие јужнословенски браќа“.
Според негова оценка, македонска теза е дека Бугарите не сакаат Македонија да биде независна, па прашува како сме ја добиле и колку часа Македонија ќе била независна да не било признавањето на Бугарија во 1992 година.
„Нашата земја имаше воени сили и ресурси далеку над можностите на Белград. И токму таа предност го убеди рускиот претседател Борис Елцин да ја признае Македонија, а не толку авторитетот на претседателот Жељу Желев. Рускиот генералштаб добро знаеше дека овој конфликт може да го исфрли од игра важниот сојузник, Србија. Во меѓувреме, што правеа македонските политичари за нивниот суверенитет? Тие предложија заедничка држава меѓу Србија, Македонија и Грција. Факт! Киро Глигоров преговарал со Милошевиќ и Константинос Мицотакис. Грците сфатија, не без наша помош, во каков албански котел можат да ги стават овие идеи и се откажаа. Така, Македонија повторно остана независна, и покрај некои нејзини политичари. Следеше граѓанска војна со албанските единици на Ослободителната војска на Косово. Можеби некои се смеат, но токму тогаш Бугарија го реши исходот на војната. Предаденото бесплатно тешко вооружување – тенкови, артилерија, минофрлачки системи, логистика и не само поддршка од нас ја спаси независна Македонија“, оценува Гардев во колумната.
Анализирајќи го ветото во ЕУ, Гардев тврди дека Бугарија сака Македонија да биде членка.
„Сакаме државата да постои во рамките на нашата заедничка историја и заеднички јазик, како што дадов пример со земји-членки на ЕУ. Нема ништо чудно во ова. Сакаме да имаме чесен, братски сосед, како што имаат сите други. Што нѐ спречува ова да се случи? Искрено и братски, нѐ попречуваат странски сили. Тие што не сакаат Република Северна Македонија да влезе во ЕУ пред нив и оние што не сакаат да има единствен простор во НАТО. Ова е странски приоритет, но не и наш со нашите пријатели во Скопје. Ако продолжи овој бесмислен спор, Бугарија може да најде многу силни поддржувачи, земји како Франција, Холандија, Белгија, Шпанија… Може да најде сила и во македонската политичка структура. И Албанија е засегната од прекинот на процесот, тие се вториот кандидат. Едвај чекаат спорот за Гоце Делчев и за јазикот да не им го попречува патот за ЕУ“, стои во колумната на Гардев. (С.Ј.)