Каранфилова-Пановска: Мицкоски да одговори кој е бенефитот од посетите во САД и кој терен го запоседнал

Граѓаните и државата треба и мора да добијат информации кои се тие официјални средби што премиерот Христијан Мицкоски ги имаше во Вашингтон, што на нив се разговараше, која е таа поддршка и помош на којашто можеме да сметаме, кој е бенефитот за граѓаните и за државата, смета заменичката претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска.
Во вечершното интервју во емисијата „360 степени“ Каранфилова Пановска рече дека ако премиерот Мицкоски по трет пат оди во Вашингтон и ако се претставува дека е прв што го запоседнал теренот пред другите, Владата е должна да им објасни на граѓаните за што е запоседнат теренот.
– Апсолутно ми е нејасно што сака премиерот да каже со тоа дека запоседнува некаков терен. Кој тоа терен го запоседнува? Дали е тоа терен кој го запоседнува во име на државата. Ако е така, кои се државните ставови по однос на запоседнување на теренот? Што значи тоа се редиме први во редот? За што се редиме? Добро е што премиерот оди во САД, но прашањето е со кого тој се сретна таму на државно ниво? Кои се резултатите од тие средби, кој е бенефитот за граѓаните и за државата, а во контекст на помошта што најмногу ни треба во моментов од САД, а тоа е за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Дали нешто се разговара на тема дали може САД на некој начин да ни помогне во дијалогот со Софија? Нашето прашање е што оттаму назад донесе премиерот Мицкоски за граѓаните и за државата, истакна Каранфиловска Пановска.
Според Каранфилова Пановска, неосновани се обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ дека СДСМ го менува прозападниот курс и се дистанцира од стратешките партнери.
– Токму ВМРО – ДПМНЕ и за време на потпишувањето на Преспанскиот договор и за време на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО беа тие коишто беа најгласни и се противеа и на Преспанскиот договор и на членството во НАТО. Бевме прогласувани, сите ние коишто бевме за таа опција, како предавници на оваа држава. Така што СДСМ покажал и докажал дека во САД гледа свој стратешки партнер, нагласи Каранфилова Пановска.
Во однос на состојбата со судството, заменичката претседателката на СДСМ оцени дека ВМРО-ДПМНЕ прави упад во судството и спроведува реформи за партиски послушници.
– Тоа што ВМРО ДПМНЕ го прави е упад, а не е реформа. Граѓаните имаат недоверба кон целиот правосуден систем. ВМРО – ДПМНЕ со огромно мнозинство во Собранието има токму таква можност, да ги спроведе неопходните реформи во правосудниот систем коишто ќе ја вратат довербата меѓу граѓаните, а не да прави вакви половични решенија кои не покажуваат ништо друго освен тоа дека на нивно место треба да дојдат други кадровски решенија коишто се партиски послушници, рече Каранфилова Пановска.
Во однос на Судскиот совет посочи дека чекорите на Владата за интерпелација на Судскиот совет се спротивни на реформската агенда од Планот за раст, според кои реформи треба да се изготви нов Закон за Судски совет за да се реформира начинот на којшто се избираат членовите.
На новинарската забелешка дека ВМРО-ДПМНЕ успешно се дистанцира од градоначалничката на Град Скопје, Каранфилова Пановска вели дека не знае зошто тоа го прават кога градоначалничката Данела Арсовска била нивен кандидат.
– Суетноста помеѓу централната и локалната власт нè доведен нас како скопјани во една ситуација во којашто градот е преполн со смет, јавниот превоз е сè само не достоинствено и хумано место да се најдат граѓаните. Градот е загаден повеќе од било кога во претходните години, јас би рекла затоа што нема контрола на клучните загадувачи, рече Каранфилова Пановска.
Во интервјуто, заменик-претседателката на СДСМ посочува дека за Скопје ќе понудат програмски решенија и кадар кои ќе го вратат сјајот на градот.