Каракамишева стана советник на Мицкоски


Професорката Тања Каракамишева е нов советник на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, задолжена за областа на човековите права и владеењето на правото.

Веста за својот нов професионален ангажман ја сподели самата Каракамишева, истакнувајќи дека оваа позиција е резултат на долгогодишната соработка со премиерот и претставува голема чест, но и одговорност.

Во својата објава, Каракамишева посочува дека човековите права и владеењето на правото се најчувствителните сегменти на правниот систем, кои ја дефинираат не само внатрешната поставеност на државата, туку и нејзината меѓународна позиција.

Таа вети максимална посветеност и професионализам во извршувањето на обврските, нагласувајќи дека нејзиниот фокус ќе биде насочен кон постигнување конкретни резултати во рамките на македонскиот правен поредок.

На именувањето реагираше Мирјана Најчевска која напиша:

„Каракамишева е еден од бастионите на борбата против човековите права и слободи во Македонија. Таа е неуморен борец против почитувањето на разликите и цивилизациски достигнатите норми на недискриминација врз етничка и врз родова основа. Каракамишева е поборник на повлекување на Македонија од Истамбулската конвенција за семејното насилство и промотор на ограничување на правата на луѓето врз основа на род и сексуална ориентација.Со овие свои ставови таа дефинитивно го заслужува местото на советник на Мицковски за човекови права“.