Капиталните инвестиции и годинава мали, догодина ќе бидат уште помали

До 30 октомври потрошени се 350 милиони евра или само 45,47 отсто од предвидените капитални расходи. За идната година Владата предлага помалку пари за оваа намена


Главните капитални расходи ќе одат за „Бехтел и Енка“ (Фото: Бехтел и Енка)

 

За десет месеци од годинава, капиталните расходи од Буџетот не се реализирани ниту половина од предвидените, односно заклучно со 30 октомври, за кога се последните податоци на интернет страницата на Министерството за финансии, потрошени се 21,5 милијарди денари (околу 350 милиони евра) или само 45,47 отсто од предвиденото за годинава.

Со ребалансот на Буџетот, усвоен во јули годинава, капиталните расходи беа проектирани на 47,4 милијарди денари, или 11,7 отсто од вкупните буџетски расходи и 4,6 отсто од БДП, што тогаш беше посочено како важна развојната компонента.

Од друга страна, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го Предлог-буџетот за 2026 година, кој во вторникот беше усвоен на владина седница, рече дека капиталните инвестиции ќе бидат помали за околу 7 милијарди денари во однос на годинава односно дека се проектирани во износ од 40,5 милијарди денари.

Ако се спојат овие две компоненти – слабата реализација на капиталните расходи годинава и помалиот износ за идната година, се поставува прашањето – дали Владата се откажува од оваа буџетска ставка како столб на економскиот развој, за што се залагаше, и се враќа на веќе „проверената“ практика, главни двигатели на растот да бидат личната и опшатата потрошувачка?

На ваков заклучок наведуваат и бројките кои што ги образложи министерката Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата во Владата, за растот на платите, пензиите и други трошоци, кои растат со поголема динамика во однос на инвестициите. Така, како што кажа министерката, за социјални трансфери се проектирани на 206,3 милијарди денари, што претставува зголемување од 6,7 отсто, за плати 52,6 милијарди денари или 7 отсто повеќе во однос на оваа година, како и 116,8 милијарди денари за пензии што претставува раст од 9,7 отсто.

Како што е познато, и досега економскиот раст кај нас најмногу е придвижуван од личната и општата потрошувачка, но она што своевремено го најавуваше ВМРО-ДПМНЕ пред парламентарните избори во 2024 година беше промена на таквата парадигма и поместување на основата на растот кон инвестициската потрошувачка, односно кон зголемување на капиталните расходи.

 

 

Ова е веќе втор годишен буџет кој што го „крои“ актуелната Влада (плус ребалансот за годинава), но такво поместување не може да се види, барем не во голема мера. И натаму останува слабата реализација на капиталните расходи, како што беше и во минатото и беше предмет на критика од тогашната опозиција, а сегашна власт, но со ветување дека работите ќе се променат. Сепак, до такво нешто, барем до сега, не е дојдено.

Министерката Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање за намалените капитални расходи идната година во однос на годинава, рече дека бил огромен предизвикот да се изработи буџетот за 2026 година, поради неопходната фискална консолидација.

„За жал, сите соседни земји го искористија периодот после ковидот да се консолидираат, ние тоа не го искористивме“, рече таа.

Таа не ја гледа вината за слабата реализација на капиталните инвестиции само кај ресорните министри, туку смета дека толкава е силата и на приватниот сектор, имајќи предвид дека во градежништвото има недостиг на работна сила.

Економистите сметаат дека за да бидат замаец на растот, учеството на инвестициите треба да бде поголемо. Професорот Зоран Ивановски, во емисијата „Вин-Вин“ на Телма телевизија, на оваа тема рече дека капиталните инвестиции секогаш се планираат амбициозно, иако тоа не е случај во најновиот предлог-буџет. Според него, 10 проценти учество во Буџетот е прилично ниско и дека во оптимално сценарио капиталните расходи би требале да се доближат до 20 отсто за да има подинамичен развој.

„Како економисти, би биле среќни ако се на 16-17 проценти во вкупната маса на буџетот“, вели Ивановски.

Според него, повеќе загрижува процентот на остварување, каде што традиционално потфрламе во реализацијата на капиталните инвестиции кои се еден од генераторите за раст и развој на националната економија.

Тој смета на ваквата практика на преамбициозни капитални расходи и ниски стапки на остварување може да се стави крај доколку се прифати предлогот на Фискалниот совет неискористените средства да се трансферираат во специјален фонд за развој и таквите средства да се користат во следната година.

Ова, придружено со нови трезорски правила, со кои дополнително би се зајакнала контролата на трошењето на јавните пари, би ја елиминирало корупцијата која евидентно владее, особено во делот на буџетските трошења“, вели Ивановски.

Се разбира, доколку сакаме повисока стапка на оставарување на капиталните расходи, како што посочува, потребни се и дополнителни предуслови. Економистите се едногласни дека пресуден е слабиот капацитет на администрацијата за нивна реализџација, но според него, на тоа влијае и слабата кондиција во која се наоѓа градежниот сектор кој е атомизиран и реално тешко може да оставри и реализира крупни капитални проекти.

„Би дополнил уште важна работа околу капиталните проекти. Она што го гледаме е често еден волунтаризам во делот на носење на одлука и што е потребно како капитален проект“, нагласи професорот Ивановски во емисијата „Вин-Вин“ на новинарката Оливера Трајковска.

Инаку, и идната година еден од водечките капитални проекти ќе биде изградбата на коридорите 8 и 10д, кои што ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“, а кој своевремено беше многу критикуван од сегашаната власт.

Министерката Димитриеска-Кочоска вели дека за реализација на овој проект има најмногу предвидено средства во Предлог-буџетот за идната година. Тука е и одбраната, за што има издвоено средства за инвестиции согласно нашите обврски во НАТО, односно 2 проценти од БДП се наменети за буџетот за Министерството на одбрана.

Во однос на проектите од британскиот заем, Димитриеска-Кочоска вели дека во овој момент уште нема склучено никаков договор.

„Имаме индикативни понуди, се работат физибилити студии итн, така што средства за овие проекти не се вклучени во Предлог-буџетот. Јас и во минатото зборував дека за прв пат средства за овие проекти ќе бидат вклучени во 2027 година, согласно информациите што ги добивав од ресорниот министер и од премиерот. Еве, се потврдува дека 2027 година ќе биде моментот кога за прв пат ќе имаме евидентирање на трошоци. За да имаме евидентирање на трошоци, претходно треба да има склучено договори, да се сработи, да се испорача фактура. Можно е да биде на крајот на 2026, но ние реалните плаќања ги очекуваме во 2027 година и токму затоа во 2026 нема предвидено средства за овие намени“, вели Димитриеска Кочоска.

Таа е оптимист дека ќе забрза реализацијата на капиталните проекти коишто се во позрела фаза, а се финансирани од Буџетот, а позитивен придонес очекува и од реализацијата на инфраструктурните проекти во општините во следниот период, како и од приватните инвестиции. 

Врз должината на „чергата“ за капитални расходи, очигледно влијае и проблемот кој ја притиска земјава, а тоа е износот на јавниот долг и големите обврски кои стасуваат за плаќање идната година.

Министерството за финансии

Во моментот јавниот долг е на ниво од 58,5 отсто од БДП и најверојатно, според Димитриеска-Кочоска, до крајот на годината нема да надмине 60 отсто, иако беше опредвиден над 62 проценти од БДП.

Следната година најголем предизвик е отплатата на обврзницата од 700 милиони евра, што објективно „тежи“ врз буџетот. Дополнително, има речиси 200 милиони евра обврски кон странство. Поради тоа, предвидена е еврообврзница од 950 милиони евра, а се остава простор за 350 милиони евра дополнително странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар.

„Најважно е да знаеме дека зголемувањето на долгот во суштина ќе биде износот на дефицитот од 39,2 милијарди денари, ништо повеќе од тоа. Сѐ друго е за сервисирање на стари обврски“, вели Димитриеска Кочоска.

Инаку, вкупните приходи во буџетот за наредната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари. Буџетскиот дефицит изнесува 39,2 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, или за 0,5 процентни поени помалку во однос на 2025 година. Растот на БДП е проектиран на 3,8 отсто, а на инфлацијата 2,5 отсто.