„Капитал“: Ветото ќе се трга со декларација на бугарското собрание?
Пратениците од владејачките партии во Бугарија сакаат да поднесат декларација до парламентот в петок, слична на онаа за воена помош за Украина, во која народните избраници истакнуваат дека Народното собрание се обединува околу одлуката за деблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Ваквата декларација би му ги одврзала рацете на секој премиер да го укине ветото, пишува бугарски „Капитал“.
Откако Кирил Петков крена раце по ова прашање и го предаде во парламентот, предлогот, како и одлуката што да се прави со де факто ветото, отиде во Комисијата за надворешна политика. Денеска попладне таа може да излезе со конечен став или, пак, ништо да не одлучи, што и нема да биде изненадување во однос на очекуваното гласање за недоверба на владата истиот ден.
Сепак, проценува „Капитал“, можно е до крајот на неделата да има поместување на случајот. неизвесно е сепак дали тамошната влада воопшто ќе успее да собере мнозинство за да донесе ваква декларација.
Три политички сили во парламентот остро се против укинувањето на ветото – Има таков народ, Преродба и една од владејачките партии – БСП. Другите две владејачки партии, ПП и Демократска Бугарија, се надеваат на поддршка од ГЕРБ или ДПС, доколку документот биде изгласан. Засега од ДПС велат дека немаат одлука за ова прашање и ќе чекаат да помине гласањето за недоверба на владата.
Иако од ГЕРБ тврдат дека не се за донесување таква декларација, сепак, за пратениците од најголемата опозициска партија, францускиот предлог е прифатлив за Бугарија. Меѓутоа, и покрај тоа, сметаат дека Софија требало да инсистира Советот на ЕУ да биде гарант за исполнување на бугарските услови бидејќи Бугарија би можела и натаму да го блокира пристапниот процес доколку Северна Македонија не ги исполни условите. Билатералниот протокол не е јавен поради „чувствителните информации“ за двете страни, велат бугарски пратеници за „Капитал“.
„ Северна Македонија се согласила на бугарските услови ‘4+1’ со мали приспособувања. Едното приспособување е поврзано со барањето за измени во Уставот, во кој би биле опфатени и Бугарите во соседната земја. Скопје инсистира тоа да се направи пред отворањето на првото поглавје ‘Основни принципи’, а не пред официјалниот почеток на самите преговори. Другото е поврзано со цар Самуил и промената за неговото изучување во учебниците, што според македонското МНР не може да се случи за толку краток временски период“,изјавил неименуван бугарски пратеник за „Капитал“.
Од бугарската партија ПП велат дека главниот проблем е што протоколот не го потпишале Теодора Генчовска и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Поради ова, наводно, дури се разгледува и опцијата владата да ѝ даде мандат на Генчовска на состанокот на Советот на министри, кој треба да се одржи денеска, за таа да го потпише документот.Доколку тоа се случи, нацрт-декларацијата за поддршка на укинувањето на ветото би можела да биде разгледана на вонредниот состанок на Комитетот за надворешни работи в четврток, кој евентуално ќе биде поднесен до пленарното собрание за гласање в петок.
Заменик-министерот за надворешни работи Васил Георгиев на вчерашниот Совет за општи работи во Луксембург му се заблагодари на француското претседателство и го поздрави вклучувањето на гарантирањето на правата на Бугарите како услов за почеток на преговорите, но потсети дека е неопходно да се донесе одлука во бугарскиот парламент.