Кандидатурата на Мишел за ЕП ќе го стави Орбан на „тронот“ на ЕУ

Претседателот на Европскиот совет – кој ги собира лидерите на земјите-членки на ЕУ – објави дека ќе се кандидира на европските парламентарни избори во јуни. Доколку биде избран, тој ќе го заземе своето место во јули, многу пред неговиот мандат да заврши во ноември.
Зошто е тоа проблем? Затоа што без постојан шеф на Советот состаноците би ги водел унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја го презема ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ во јули. Тоа е кошмарно сценарио за Брисел ако на се поизолираниот евроскептичен лидер, кој се обиде да спречи голем дел од поддршката за Украина во време на нејзината војна со Русија, му се даде таква можност.
Благодарение на потегот на Мишел, ЕУ е во непознати води. Функцијата претседател на Европскиот совет постои дури од 2009 година кога настана како дел од Лисабонскиот договор за реформирање на ЕУ. Функцијата вклучува поставување на агендата и распоредот за работа на Европскиот совет, како и посредување меѓу земјите-членки и претставување на блокот на меѓународната сцена. Пред Мишел, имаше само двајца мажи (жена никогаш не ја извршувала улогата) на оваа функција: магнетизирачкиот Белгиец Херман Ван Ромпуј и невлијателниот полски политичар Доналд Туск.
Мишел, исто така, сега го испука почетниот пиштол на трката за врвни работни места, во која лидерите на ЕУ го делат пленот меѓу главните политички групи во блокот врз основа на резултатите од изборите за ЕП (или со целосно игнорирање на тие избори).Останатите политичари кои размислуваат да се кандидираат за највисоко место во ЕУ (вклучувајќи ја и непријателката на Мишел од другата страна на улицата, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, која допрва треба да се изјасни дали сака втор мандат, како и оние за кои се шпекулира дека сакаат нова функција во ЕУ, како што е данската премиерка Мете Фредериксен) сега можеби ќе треба да ја подигнат раката порано од предвиденото.
Политичарите постојано поднесуваат оставки. Зошто ова е важно? Затоа што испраќа чуден сигнал за важноста или недостатокот на работата на претседателот на Европскиот совет. Речиси е невозможно да се замисли американски претседател да се повлече од функцијата само шест месеци пред истекот на мандатот, освен во случај на виша сила, како што е, на пример, атентат. Исто така, изготвувачите на Договорот од Лисабон не предвидоа никакво сценарио во кое би имало рано напуштање на функцијата што би се прекинало сега.
Така, раното напуштање на Мишел – во време на епски судир со Унгарија во врска со политиката на блокот за поддршка за Украина – се чини дека сигнализира, од една страна, дека Мишел не ја гледа неговата улога како ужасно важна. Но, од друга страна, тоа може да покаже и дека тој е среќен што задачата за решавање на проблемите на ЕУ ја препушта на наследник, кој и да е тој. За некои дипломати, ова би можело да има позитивни импликации со започнување дебата за главните функционерски места сега наместо да има битки во последен момент. Сепак, на други не им се допаѓа неизвесноста бидејќи ЕУ се соочува со две војни во нејзина близина и со евентуално претседателство на Доналд Трамп во 2024 година.
„Јасно е дека [заминувањето на Мишел] не помага за теми за надворешни работи“, рече француски дипломат кој, како и другите во овој текст, доби анонимност за да разговара за чувствителна тема.
Дали Виктор Орбан ќе стане привремен шеф на Советот?
Една од причините зошто ова предизвикува возбуда на почетокот на јануари е тоа што предвременото заминување на Мишел ја зголемува можноста Орбан да стане претседател на Европскиот совет. Тоа е затоа што Будимпешта го презема ротирачкото претседавање со ЕУ во средината на 2024 година и, ако нема шеф на Европскиот совет, лидерот на земјата во претседавањето ќе го преземе. О, иронија!
Изгледите Орбан да претседава со состаноците на лидерите не изненади функционер на ЕУ кој рече дека во зградата на Советот долго време се шпекулира за такво сценарио, знак дека Мишел го планирал својот потег некое време. А, според функционер близок до Мишел, челниците не биле фатени несвесни и најголем број од нив се согласувале со неговиот потег.
„Тој ги контактираше сите 27 и широко мнозинство ја поддржа одлуката“, рече функционерот.
Така, тоа што Орбан ќе биде на чело, се чини дека не ги исплаши лидерите. Тоа е веројатно затоа што канцеларијата на Мишел јасно стави до знаење дека, законски, просто мнозинство би било доволно за да се спречи Будимпешта да ја преземе фотелјата – иако, еден од дипломатите побрза да посочи дека тоа во суштина би било објава на војна против Орбан. Дипломатите кои не се нервираат велат дека тоа е затоа што има доволно време да се најде вистинското име за замена на Мишел.
Сепак, името на претседателот на Европскиот совет обично е дел од пакетот, договорен од лидерите заедно со претседателот на Европската комисија и највисокиот дипломат на ЕУ. И, со оглед на тоа што анкетите покажуваат дека екстремната десница е во пораст „овој пат би можело да биде покомплицирано да се формира мнозинство или би можеле да имаме многу тенко мнозинство“, тврди висок функционер на ЕУ, што значи дека може да биде потребно подолго време за да се наместат луѓето на новите функционерски места.
Дали Мишел ќе води кампања за изборите за ЕП и дали може да ја врши работата во Советот?
Канцеларијата на Мишел соопшти дека тој ќе води кампања како и секој друг лидер. Премиерот „на една земја ја извршува својата функција додека води кампања за националните парламентарни избори. Истото би било и за претседателот на Европскиот совет, во овој случај, за европските избори“, рече функционерот близок до Мишел.
Но, како Мишел ќе води кампања и ќе покрене прашања, особено затоа што она што тој го прави може да влијае на Фон дер Лајен кога таа ќе објави дека сака втор мандат, како што се очекуваше. Мишел треба да зборува во име на 27 земји, што не може да го направи кога води кампања за место во ЕП.
Овие сомнежи беа сумирани од еден дипломат кој рече: „Сите ние навистина внимателно ќе следиме што ќе каже и прави Мишел за време на неговата кампања за Европскиот парламент“, бидејќи „тој не може да заземе позиции што ќе ја поткопаат неговата позиција како претседател“ на Европскиот совет.
Друг аспект е кој ќе биде задолжен за посредување меѓу државите. Пред создавањето на позицијата на Мишел, улогата на ротирачкото претседателство беше да прави компромиси. Токму сега, таа улога ќе падне на друг Белгиец, премиерот Александар Де Кро. Сепак, тој ги минимизираше очекувањата: „Сега има одредена временска рамка во следните месеци да видиме како може да се организираат работите. Ако можам да играм улога во тоа, очигледно ќе ја одиграм“, им рече тој на новинарите во понеделникот. Но, „да се очекува дека Белгија е таа што ќе наметне решение на другите, тоа не функционира“.
Мнозинството дипломати велат дека товарот на посредувањето најверојатно ќе падне на клучните лидери како германскиот Олаф Шолц, Французинот Емануел Макрон, како и Холанѓанецот Марк Руте, додека тој остане на функцијата. Тука се исто така и Полјакот Доналд Туск (како поранешен претседател на Европскиот совет) и Италијанката Џорџија Мелони (бидејќи има добри односи со Орбан).
Дали Мишел навистина сака да биде европратеник?
Добивањето на Мишелесто во Европскиот парламент е речиси загарантирано за Мишел. Но, се очекува амбициите на поранешниот белгиски премиер да лежат на друго место, со европското собрание како резервна копија.
Мишел би можел да се обиде да се кандидира како избор на либералната Обновена Европа за претседател на Европската комисија. Портпаролот на Мишел не ја потврди или негираше оваа можност, но луѓе блиски до Белгиецот истакнаа дека тој ќе биде најстариот и најискусен кандидат на оваа политилка групација.
Теоретски, дури и неуспехот да стане шеф на Комисијата може да ја отвори вратата за друга европска врвна функција, како што е наследник на Жозеп Борел како шеф за надворешна политика на ЕУ или преземањето од Дидие Рејндерс како следен белгиски комесар (Рејндерс, сега еврокомесар за правда, се надева дека ќе стане следниот генерален секретар на Советот на Европа, меѓународната организација за човекови права).
Но, Мишел ќе се соочи со тешка битка. Неговиот учинок како претседател на Европскиот совет е силно критикуван (еден дипломат на ЕУ рече: „Неговиот учинок како претседател на Советот не е особено импресивен. Ќе биде клучно за неговиот наследник во оваа улога да направи чекор назад и да дејствува повеќе од позадината “), а неговиот однос со Фон дер Лајен, ако таа како што се очекува се кандидира за втор мандат, е далеку од идеален, благо кажано.
Белгија исто така може да сака да испрати политичар со различна политичка лента во Европската комисија, бидејќи Рејндерс е од истата либерална партија што зборува француски јазик како Мишел. Таа одлука ќе зависи од тешките коалициски разговори по белгиските избори на 9 јуни (кои се совпаѓаат со европските избори).
Кандидатурата за Европскиот парламент, исто така, може да се гледа како заобиколен пат назад кон белгиската политика, изјави еден белгиски функционер и еден претставник на ЕУ. Претходникот на Мишел, Туск, се врати во полската политика и сега е премиер. Влијанието на Мишел во неговата белгиска франкофонска либерална партија (МР) е сè уште силно, но и во Белгија, каде што се смета за потенцијален ривал на другите со амбиции да влезат во улицата де Ла Лои 16, каде што има канцеларија белгискиот премиер.
Сепак, со оглед на очекуваниот пораст на екстремната десница на белгиските избори и комплицираните коалициски преговори кои најверојатно ќе следат (запомнете, Белгија еднаш помина 541 ден без влада), Мишел можеби нема да добие јасност за неговите белгиски амбиции во скоро време.
Дали воопшто ни треба претседател на Советот на ЕУ?
Комплицираната динамика меѓу претседателите на Европскиот совет и Европската комисија одамна е проблем, вклучително и кога Туск и Жан-Клод Јункер беа на функцијата. Тоа е динамика која дипломатите често ја нарекуваат „градинка“.
Со Туск и Јункер, ривалството беше повеќе меѓу највисоките функционери во нивните канцеларии. Со Фон дер Лајен и Мишел е поинаку, бидејќи недостатокот на хемија директно влијаеше на двајцата шефови. Експлодираше со скандалот Софагејт во 2021 година, кога Мишел и фон дер Лајен се состанаа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а во собата имаше само две столчиња и две софи. Мишел седеше на столот покрај Ердоган додека на фон дер Лајен и беше понудено место на софата. Затоа, природно е да продолжиме да слушаме повици дека двете позиции треба да се спојат, за да се направи донесувањето одлуки во ЕУ поефикасно и да се избегнат срамните јавни прикази на неединство.
Последниот кој упати таков повик беше поранешниот претседател на Европскиот парламент и актуелен италијански министер за надворешни работи, Антонио Тајани, кој во интервјуто во неделата рече дека „многумина се согласуваат“ за тоа иако „промената ќе вклучува ревизија на договорите , што би можело да го обесхрабри дури и почетокот на дискусијата“. Дипломатите се согласуваат дека започнувањето на таква дебата навистина би ја отворило Пандорината кутија и дека многу лидери сакаат да има многу врвни работни места во ЕУ – само во случај да им треба работа во иднина. (Политико)