Кандидатот за британски премиер Борис Џонсон соочен со судење


Фото: express.co.uk
Англија – Борис Џонсон, кој е фаворит за нов премиер на Велика Британија, се соочува со судење поради наводи дека ја лажел јавноста во врска со Брегзит и последиците од него, соопшти денеска британски суд.

Судија во Судот во Вестминстер денеска одлучи дека Џонсон, поранешен министер за надворешни работи на Велика Британија, мора да одговори на наводите дека извршил три прекршоци за непрописно однесување во јавна служба.

Тоа се однесува на тврдењата кои Џонсон, инаку заговорник на Брегзит, ги изнел пред и после референдумот за излез на Велика Британија од Европската унија во 2016 година.

Вкупно 52 отсто од Британците на референдумот поддржаа излез, а 48 проценти гласаа за останување во Европската унија.

– За време на двата наведени периоди, обвинетиот постојано ја лажел и ја мамел британската јавност во врска со трошоците на британското членство во Европската унија, експлицитно наведувајќи или заклучувајќи дека таа цена изнесува 350 милиони фунти (околу 400 милиони евра) неделно, се вели во случајот против Џонсон.

Во пишаната пресуда, судијката Маргот Колман навела дека тие тврдења не се докажани, но оти Џонсон би требало да се соочи со судење.

– Тоа значи дека обвинетиот е должен да дојде во Вестминистерскиот суд на прелиминарно сослушување, а случајот потоа ќе биде проследен до Кралскиот суд за судење, рече таа.

Портпаролот на Џонсон засега не е достапен за коментар.