Кандидатите за ДКСК негираат дека донираат за партија, Клековски не верува ни дека ќе биде избран
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата заедно со членовите на Комисија за селекција денеска спроведе јавни интервјуа со пријавените кандидати за член на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Требаше да се престават пет кандидати, но една од нив, Марија Китанов Катралова, не присуствуваше и согласно правилникот, нејзината кандидатура беше отфрлена.
Најмногу внимание привлекоа „донаторите“ на ВМРО-ДПМНЕ , односно кандидатката Антонија Андонова Тасевска и Борче Стојановски. Додека Стојановски тврдеше дека никогаш не донирал ништо на било која политичка партија (што е еден од условите да се кандидира за оваа позиција), Тасевска не беше толку категорична, изјавувајќи дека – не се сеќава.
Како брат на директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски, на удар беше и кандидатот Владимир Клековски, кој пак изјави дека истото прашање го добил и кога вторпат се кандидирал за член на ДКСК во 2023 година и дека, и тогаш и сега тврди дека никогаш не бил член или активист на политичка партија и дека не учествувал во никаква партиска активност. Наедно тој посочи дека во регулативата за ДКСК има механизам за судир на интереси и дека и да не сака самиот да се изземе од некој предмет, другите ќе го разрешат.
Тој доби и напад на искреност, па околу дилемата зошто по третпат конкурира на оваа функција, рече дека и самиот размислувал дали да дојде на интервјуто и дека не се „надева на ништо, не очекува ништо и нема да се разочара“. Како причина што се двоумел, тој посочи на фактот дека претходно имало ентузијазам во ДКСК ,а сега состојбата била сменета.
Инаку, тој е магистер на правни науки, а веќе 11 ипол години работи како адвокат што беше повод да го прашаат како ќе се однесува ако добие предмет во кој ќе биде инволвиран негов клиент, на што повторно се повика на можноста да се изземе. Клековски исто така работел во банка околу правни прашања, а работел и во Врховниот суд. Како клучно тој наведе дека ќе настојува да се воспостави ефикасен систем на превенција во ДКСК и тој да биде поприоритетен од системот на репресија, т.е. казнување бидејќи како што рече, ако ако го нема првото ќе нема потреба од второто. Тој работел на проекти во врска со регистер на податоци и судир на интереси, непотизам и кронизам. Како свои цели ги наведе зголемувањето на санкциите за прекршителите бидејќи сегашните ги оцени како симболични, развивање на регистерот на податоци, јакнење на капацитетот на ДКСК и проширување на кругот на членовите на семејствата на функционерите што треба да се дел од проверката на имотот – бидејќи сега само со промена на адресата на некој од нив може да ја избегнат обврската. Тој немаше дилема дека владеењето на правото е различно од владеењето на законите оценувајќи дека и „Хитлерова Германија била правна држава и со закон ги вршела сите грозотии “, бидејќи како што рече, не секој закон е праведен.
Антонија Андонова Тасевска, која повеќе од 10 години работи во ДКСК како советник за испитување на имотна состојба, истакна дека нејзината визија е Комисијата да се развие во силна, независна и професионална институција. Таа најави дека, доколку биде избрана, ќе се фокусира на јакнење на институционалниот интегритет преку јасни процедури, доследна примена на етичките стандарди и подобрени механизми за внатрешна контрола. Најави поголема транспарентност, подобрување на аналитичкиот пристап во проверката на имотната состојба, како и дигитализација и континуирана едукација како предуслови за поефикасно спречување на корупцијата. Таа нагласи дека нејзиното долгогодишно искуство, меѓународните обуки и компаративните практики стекнати во европски антикорупциски тела се значајна основа за придонес во работата на ДКСК. Инаку, во биографијата што ја достави стои дека до 2014 година работела во Службата за општи и заеднички работи (на владата).
Милка Муратовска зад себе има две магистратури (едната за антикорупциски науки), има мастер за казнено право и завршена Академија за антикорупција во Австрија, работела во банка и адвокатска канцеларија, а доаѓа од канцеларијата на народниот правобранител. На прашањето зошто некој кој работи во институција со највисока доверба во државата би дошол во ДКСК, таа рече дека сака да го пренесе своето искуство од таму, за да и ова тело ја врати довербата на јавноста.
И таа како приоритет ја истакна превентивната улога на ДКСК, пред се преку антикорупциска проверка на законите. Притоа изнесе податок дека досега само три министерства барале таква проверка околу закони што ги предлагале, што говори за тоа колку се води сметка за овој аспект во државата. За неа беше недозволиво сегашното немање проактивност и нетранспарентноста на ДКСК , а како проблем го посочи и тоа што ДКСК треба да биде поврзана со 17 институции за да биде ефикасна во проверката, а е поврзана во моментов само со пет ,и тој процес бавно се одвива. Како резултат на тоа и на несинтетизираните податоци во институциите, посочи таа, не се знае ни колку точно функционери има во моментов во државата.
Одговарајќи на прашањата, таа посочи два ризици за корупција во новопредложениот Закон за високо образование – во делот на акредитациите на програмите и при именувањата и напредувањата. Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ ја праша дали е во согласност со обврските што ги презела како грантист да се кандидира на оваа позиција, бидејќи четири години треба да работи во институцијата преку која се усовршувала, таа рече дека таков услов не постои во договорот што го потпишала. На прашањето дали член на нејзиното семејство во моментов држи некоја функција, таа рече дека нејзината мајка е судија во Апелациониот суд, но негираше дека некој од семејството е член на политичка партија.
Борче Стојановски нагласи дека доаѓа како вработен во ДКСК, од оделението за проверка на имот и дека е контакт лице за размена на податоци со други земји. Тој е во ДКСК од 2015 година, но тврдеше дека никој досега не му вршел политички притисок, ниту пак имал притисок од внатре околу предмети на кои работел.
„И да има притисоци, јас како и повеќето во ДКСК не работиме како останатите во државата. Имаме висок праг на отпор, без оглед од каков висок авторитет доаѓаат тие притисоци“, рече Стојановски пред Комисијата.Сепак тој се согласи со оценките дека довербата во ДКСК сега е мала и дека не е ажурна. Притоа соопшти дека во одделението за следење на имотната состојба до 2023 година имало останати 440 незавршени предмети, за што решение гледаше во натамошна дигитализација која е почната но не е доволна и која ќе овозможи и на неделна основа да се проверува имотот со соодветна алатка што ќе истакнува „црвени знаменца“ при секоја промена на состојбата.
Како познавач на ДКСК од внатре тој препорача потпишување на договори со други земји, а пред се со Грција и Албанија (со Србија и Црна Гора веќе има) за размена на податоци околу имоти наведувајќи дека сега масовно се купуваат имоти надвор и се прелеваат злоупотребени сретства таму, а тие немаат начин како да ги лоцираат, наведувајќи ја Грција како најдобар пример. За криптовалутите пак исто така оцени дека сега се надвор од радарот на нашите институции, иако се вртат големи пари.
И тој се залагаше за јакнење на казнената политика на ДКСК и извести дека од институцијата веќе побарале да се поднесуваат анкетни листови еднаш годишно, а не како сега, кога има промена на состојбата, со што ќе се реши и проблемот со тие што не ги поднеле дигитално. Тој се пожали и за изгубениот посебен статус на ДКСК, бидејќи сега државните службеници ги стигнале па и престигнале со платите, иако успеале да ги зголемат за 30 отсто. Потврди дека Законот за судир на интереси, изготвен од претходната влада во 2023 година, стои, но и дека имало предмети во ДКСК за кои со години не се постапува. Лично тој оцени дека предност на ДКСК е што е независна институција и што членовите се избираат на јавна седница, но како слабост го посочи тоа што е изложена на политички притисоци и нема доволно финансиски сретства за да биде поефикасна.
Инаку, огласот беше распишан откако поранешната антикорупционерка, Цвета Ристовска си поднесе оставка поради скандалите поврзани со неа. ДКСК, каде беше член, ѝ отвори предмети за судир на интереси, бидејќи фирма на нејзин син предизборно земала пари од партии, а и за непријавување на имот на две фирми сопственост на синовите.Изборот на нејзина замена ќе биде со бодување, а комисијата е формирана од Маја Атанасова од Здружението на Млади правници и Јашари од Метаморфозис, Соња Трифуновска која е заменик народен правобранител и по еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, СДСМ и ДУИ. Најмногу за пет дена избраниот листата со бодирања на кандидатите треба да се врати во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а да биде избран кандидатот што ќе добие најмногу бодови.