Кандидат за премиер на Велика Британија призна дека користел кокаин


Кандидатот за иден премиер на Велика Британија и за лидер на Конзервативната партија Мајкл Гоув призна дека во неколку наврати, кога бил млад, земал кокаин и потенцираше оти жали поради тоа.

– Неколкупати сум земал кокаин на социјални настани пред повеќе од 20 години. Тогаш бев млад новинар. Беше грешка. Погледнувам наназад и посакувам да не го направев тоа, изјави Гоув (51), кој е министер за животна средина и храна од 2017 година.

Признанието на Гоув се случува непосредно пред објавувањето на книгата за него, напишана од новинарот Оуен Бенет. Извадоци од книгата насловена „Мајкл Гоув: мажот кој брзаше“, беа ексклузивно објавени во „Дејли меил“.

Гоув оцени дека грешките од минатото не би требало да го дисквалификуваат од трката за наследник на Тереза Меј.

– Мислам дека сите политичари имале личен живот пред политиката, истакна Гоув.