Канадскиот премиер Карни ќе дојде во Стразбур за да ги зајакнува односите со Унијата
Канадскиот премиер Марк Карни ќе ѝ се придружи на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за најважниот политички момент во календарот на ЕУ, во услови на влошување на конфликтот меѓу САД и Отава.
Функционер на Европската комисија близок до фон дер Лајен потврдиза дека Карни прифатил покана да присуствува на говорот за состојбата на ЕУ во Стразбур на 16 септември, каде што претседателката ќе ги изложи своите приоритети за блокот.
„Пред летниот одмор, претседателката на Европската комисија го покани премиерот Карни за Состојбата на Унијата, како силен знак за блискоста на ЕУ и Канада и за да ја сигнализира јасно намерата и амбицијата на двете страни да го надградат нашето партнерство“, рече функционерот. „Во овие предизвикувачки времиња, зајакнувањето на нашите односи низ целиот свет е од витално значење.“
Карни е првиот странски шеф на влада што некогаш присуствувал на говорот, каде што ќе биде примен како почесен гостин. Канадскиот лидер, исто така, ќе одржи говор пред Парламентот еден ден по говорот за состојбата на ЕУ на фон дер Лајен, на 17 септември, изјави функционер запознаен со подготовките.
Карни јавно го потврди патувањето велејќи дека ќе го искористи своето време во Стразбур за да се сретне со пратениците на ЕУ за „зајакнување на врските на Канада со Европската Унија во корист на двата наши народа“.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, рече дека „важната посета“ ќе биде „можност за продлабочување на врските меѓу ЕУ и Канада“.
Владата на Карни се откажа од разговорите за значаен трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела, при што двете страни се обвинуваа меѓусебно за наметнување услови во последен момент. Вашингтон воведе царини за канадскиот извоз, што ја натера Канада да возврати со строги давачки за американскиот челик и алуминиум. Канадскиот премиер се залага за сојуз на демократии во корист на слободната трговија и како резултат на тоа се стреми кон поблиски односи со ЕУ.
„Оваа есен ќе започнеме интензивни дискусии со Европската Унија, втората по големина економија во светот, за да изградиме многу посилно и подлабоко економско и безбедносно партнерство“, рече Карни.
Овој потег доаѓа во услови на сè позатегнати односи со Вашингтон. Како дел од ескалацијата на расправијата околу трговските тарифи, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, ја нарече Канада „држава“ – пред да се пошегува дека изјавата била „фројдовски лапсус“.