Канада со „насмевка“ ќе им ја исклучи струјата на САД

Премиерот на канадската провинција Онтарио, Даг Форд, изјави дека е подготвен да го прекине извозот на електрична енергија во САД, доколку тарифите на претседателот Трамп од 25 отсто за канадски стоки бидат исполнети.
„Ако сакаат да се обидат да го уништат Онтарио, ќе направам сè – вклучително и да им ја отсечам енергијата со насмевка на моето лице“, им рече Форд на новинарите на рударската конвенција во центарот на Торонто.
Форд го удвои своето ветување дека ќе возврати со усогласување на тарифите, истакнувајќи дека САД се главен клиент на електричната енергија во Канада. Тој предупреди дека ќе го „запре производството“ јужно од границата.
Фабриките за автомобили во Мичиген, кои не можат да си дозволат канадски делови, ќе запрат во рок од една недела, рече тој, додека цените за американските потрошувачи ќе се зголемат, а пазарите ќе паднат.
„Ние не сакаме да го правиме ова“, рече Форд. „Го сакаме американскиот народ. Ние ги сакаме САД, но кога едно лице ќе ја нападне нашата земја, неиспровоцирано, тогаш ние ќе одговориме. И ние ќе одговориме како што САД никогаш досега не виделе“.
САД се нето увозник на електрична енергија, со нето увоз кој достигна 19 TWh во 2023 година. Од 39 TWh увезени од САД во 2023 година, 85% дојдоа од Канада, а 15% од Мексико, според податоците на Енердата.
Меѓутоа, американската Агенција за енергетски информации ЕИА објави податоци според кои САД веќе некое време не се зависни од увозот на енергија од Канада, бидејќи вредноста на продажбата на електрична енергија од Канада во САД во 2023 година изнесувала вкупно 3,2 милијарди долари, речиси 30% помалку отколку во 2022 година. Спротивно на тоа, извозот на електрична енергија од САД во Канада се зголемил за 454,5 милиони долари во 2023 година на 1,2 милијарди долари.
Според американската агенција, трговскиот баланс меѓу САД и Канада, во однос на увозот-извозот на енергија, последните години, посебно од крајот на 2023 осетно се сменил во полза на САД поради намаленото производство на хидроенергија во Канада, примарен извор на производство на електрична енергија во земјата, бидејќи условите за суша го намалиле дотокот во резервоарите во западна Канада. Покрај тоа, пониските цени на природниот гас во САД ги намалиле цените на електричната енергија, со што електричната енергија во САД станала поконкурентна. Поради околностите, месечниот просечен извоз од САД во Канада во 2023 година се зголемил за 70% на годишна основа на 1.809 гигават часови (GWh), додека месечниот просечен увоз од Канада во САД се намали за 36% на 3.315 GWh.
Гневот на Канаѓаните кулминираше откако Трамп во понеделникот објави дека тарифите од 25 отсто за Канада и Мексико официјално ќе стапат на сила во вторник, велејќи дека нема повеќе простор за склучување договори пред истекот на 30-дневното одложување.
„Тарифите, сите се поставени. Тие стапуваат на сила утре“, рече Трамп, додавајќи дека „не останува простор за Мексико или Канада“ да склучат договор пред полноќ.
Премиерот на Онтарио, исто така, сугерираше дека калиумот од канадската област Саскачеван, клучен за американските фармери да ги наѓубруваат нивните полиња, како и неговиот ураниум, може да се користат како трговска одмазда – иако премиерот Скот Мо и премиерот на Алберта, Даниел Смит, се изјаснија против користењето на природните ресурси на нивните провинции во трговска војна.
Форд, исто така, ја повтори претходната закана дека ќе го откаже договорот од 100 милиони долари што Онтарио го потпиша со Старлинк – компанија контролирана од сојузникот на Трамп, Илон Маск – и ќе им забрани на американските компании да се натпреваруваат за провинциски договори.
Одмаздничкиот план на Канада ќе вклучи царини за увоз од 20 милијарди долари од САД, вклучувајќи алкохол, кафе, облека и чевли, мебел и апарати за домаќинство. Тоа ќе биде проследено со втор бран царини на уште 85 милијарди долари на стоки за автомобили и камиони, земјоделски производи, челик и алуминиум и воздушни производи.