Канабисот отстранет од списокот на најопасни дроги на ОН

Комисијата на ОН за наркотици го отстрани канабисот од списокот на најопасни дроги, на кој се наоѓаат и хероинот и синтетичките опијати.

Канабисот е опфатен со Единствената конвенција за опојни дроги во 1961 година. Тој беше вклучен во категорија што дозволува национални забрани за дроги со „особено опасни својства“.

Потегот на Комисијата на ОН за наркотици, чие седиште е во Виена, е преземен врз основа на препорака на Светската здравствена организација (СЗО).

Одлуката ја поддржаа 27 земји, 25 беа против, а една беше воздржана.

Сепак, Комисијата не го легализира канабисот. Тој сè уште е наведен меѓу дрогите кои предизвикуваат „голема зависност и злоупотреба“.

Тоа значи дека производството и трговијата со канабис сè уште е ограничено на употреба во научни и медицински цели според меѓународното право.